5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ССК: Ивица Јакимовски нов претседател на Градежната комора на Македонија

Ивица Јакимовски, генерален директор на градежната компанија „Голден арт“, на годишното собрание на Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК), е избран за нејзин претседател.

Компаниите членови на Градежната комора на Македонија едногласно му го доделија мандатот за следните две години.

„Создавање подобра бизнис-клима за компаниите од градежниот сектор, соработка со институциите, особено во поглед на приспособување на законската регулатива, зајакнување на членството во Комората и предлагање конструктивни мерки, како и поддршка на енергетската ефикасност преку следење на светските трендови во градежништвото, се најзначајните активности на кои ќе работиме заедно со компаниите членови на Комората во насока на задржување на стабилноста и просперитетот на градежништвото во Република Македонија“, изјави Јакимовски.

Додаде дека одговорноста што му ја доверија компаниите претставува дополнителен поттик со засилено темпо да ја води Градежната комора, која е отворена да соработува со сите фактори во секторот, експерти, бизнисмени, институции, како и образовен кадар, со цел развој на оваа значајна стопанска гранка.

Јакимовски посочи дека приоритет на Градежната комора на Македонија е барањето за продолжување на повластената даночна стапка од 5 отсто за данокот на додадена вредност (ДДВ) за продажба на станбен простор, со оглед на фактот дека во услови на регистриран пад во градежништвото во последните неколку месеци ова е една од мерките за која треба идно решение.

„Во услови на зголемувањето на даночната стапка на ДДВ за становите, очекувано е да следува намалување на номиналната вредност на приходите во буџетот по основ на ДДВ поради очекувањата за намалување на прометот на станови трипати, намалување на вработеноста во градежниот сектор и последователно на сите комплементарни дејности, поточно на 26 поврзани гранки поради намаленото производство на станови“, изјави Јакимовски.