5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Вечерва во ЈСП со билет, градот ги укина вонредните мерки против загаденоста

Град Скопје ги укинува вонредните мерки и интервентните препораки за намалување на загаденоста, меѓу кои беше и бесплатниот автобуски превоз.

„Мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се укинуваат веднаш. Но, Град Скопје, за да им овозможи на граѓаните кои на своите работни места пристигнале со автобус бесплатно да се вратат дома, бесплатниот јавен превоз го укинува од вечерва во 20 часот“, информираат од Град Скопје.

Додаваат дека укинувањето на мерките доаѓа по добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ 10-честичките во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање од 200 микрограми на кубен метар и епизодата со зголемено загадување во текот на два последователни дена е прекината.

Мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани, соопштија од Градот.

И покрај расчистувањето на воздухот, Град Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.

Спонзорирано: