14.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Обвинението за тероризам ги става патриотите во категорија на Ал Каеда и ИСИС

Судот мора да ја отфрли улогата на асистент во креирањето на недемократска атмосфера на страв, стои во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во врска со притворот на нивни членови и симпатизери за настаните во Собранието од 27 април.

„Судот е директен соучесник во континуираното уништување на правната држава, во којашто Заев сака без опозиција да носи закони за двојазичност, да ја задолжува земјата или да ратификува договори со кои се брише историјата и македонскиот јазик. Отфрлањето на жалбите на одбраната и решенијата патриотите да останат во притвор се целосни правни неиздржани. Истекува вториот месец и судот има можност да се издигне над политичките притисоци и нарачки и конечно да донесе праведна одлука“, велат од опозициската партија.

Оттаму истакнуваат дека само во Македонија личности кои дале многу за државата, родољуби, кои немаат сторено ниту прекршок се прогласуваат за терористи.

„Секој може да види дека на судовите им е најважен политичкиот интерес зошто ако не им беше и ако имаа малку интегритет и совест досега ќе ги ослободеа сите лажно обвинети лица од 27 април. Дурловски, Илиевски, Јовановски, Чавков, Дамовски, Мукоски и другите неправедно се во притвор под невозможни услови само затоа што кренаа глас против недемократската влада на Зоран Заев. Ова е очигледен притисок за замолчување на погубната политика и разорувањето на Република Македонија од владата на СДСМ“, се наведува во соопштението на партијата.

Во него се додава дека обвинението за тероризам е апсурдна конструкција која ја качува Македонија на врвот на листата земји со најмногу терористи, а патриотите, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, ги става во категорија на Ал Каеда и ИСИС.

На крајот од соопштението, партијата апелира до судот и правосудните органи да не ја злоупотребуваат мерката притвор за партиски цели.