14.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тетовка нудела вработување за пари повикувајќи се на контакти со министерот Спасовски

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против 46-годишна тетовка поради „измама“ на петмина сограѓани од кои зела пари со ветување дека ќе ги вработи, повикувајќи се на пријателство со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Според полицијата, таа се стекнала со имотна корист од вкупно 1.980 евра, 100 американски долари и 37.000 денари.

Првиот случај бил регистриран на 22 јануари кога К.Б. од Тетово пријавила дека била измамена од А.А., со која се запознале пред Нова година. Таа ѝ кажала дека за одреден паричен надомест може да ги вработи нејзините два сина во државната администрација. „А.А. ја убедувала дека има контакти со влијателни владини функционери, конкретно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. По неколку дена К.Б. ги обезбедила потребните документи за наводното вработување, но бидејќи едниот син имал само средно образование, тетовката се понудила за надомест од 500 евра да му обезбеди диплома за завршено високо образование. Со оглед на тоа дека и сопругот на К.Б. бил невработен и се обидувал да обезбеди американска работна виза, но патната исправа му била пред истекување, А.А. се понудила дека ќе „помогне“ и за тоа за надомест од 100 американски долари. Според договорот, К.Б. ѝ исплатила на А.А. 1320 евра и 100 американски долари“, велат од МВР.

Откако ги исплатила парите, измамената повеќепати контактирала со А.А. за да ја праша зошто не се реализираат ветувањата и да побара да ѝ ги врати парите доколку не може да ја заврши работата, а потоа ја пријавила измамата во СВР Тетово. Според полицијата, тетовката ја потврдила измамат, признавајќи дека на ист начин земала пари од уште четири лица од подрачјето на Тетово и Куманово, ветувајќи им дека ќе ги вработи како наставници во основни и средни училишта и други работни места. По целосното документирање на случајот до ОЈО Тетово е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење основано сомнение дека сторила кривично дело „измама“ предвидено и казниво по член 247 од Кривичниот законик.