10.4 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ДОМ: Урбанистичките закони треба да се усогласат со Законот за зеленило

По донесувањето на Законот за урбано зеленило треба да се направи усогласување на урбанистичките закони со него, во рок од 6 месеци од денот на влегување во сила на законот, информираат од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ). Оттаму додаваат дека заради забрзување на постапката, ќе бидат подготвени измени во консултација со Министерството за транспорт и врски.

„Во Законот за просторно и урбанистичко планирање потребни се измени во делот на планирање и носење плански документации, каде што треба да се вгради обврската за 25 метри квадратни зеленило по жител на ниво на град во генералните урбанистички планови и најмалку 20% зеленило на градежна парцела во целата останата планска документација“, стои во соопштението на ДОМ.

Како што информираат, во Законот за градење треба да се вгради обврската за постапување според „зазеленета“ планска документација – од добивањето дозвола за градба, преку надзорот на изведбата, до пуштање во употреба на објектите.

„Паралелно со овие измени произлезени од Законот за урбано зеленило, ќе предложиме и поправка на неколку сериозни дефекти во Законот за просторно и урбанистичко планирање, направени во полза на бизнисот, а на штета на граѓаните и животната средина. Треба да се вратиме на некои поранешни хумани стандарди, кои се и европски стандарди“, додаваат од ДОМ.

Според партијата, интервенција е потребна во поглед на намалување на процентот на изграденост на градежна парцела, кој сега изнесува 70% (а има случаи кога се гради и 90%), како и зголемување на растојанието од објектот до границата на парцелата на една половина од висината на објектот, наместо на една третина, како што е сега. Исто так, ќе се бара интервенција во поглед на одредбата за „минимум висина“ на објектите, како и да се врати писменото известување на сите засегнати граѓани за јавната анкета при донесување детални урбанистички планови (со продолжување на рокот од 15 на барем 30 денови). Од ДОМ сметаат дека потребно ќе биде да се нагласи и оти густината на четвртта се определува и важи за целиот плански опфат, без „посебни услови“ за т.н. линиски центри и да се врати потребното апсолутно мнозинство од избраните советници при донесувањето детални урбанистички планови.

Спонзорирано: