17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Време е за помирување на народите на Балканот

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Република Србија оствари средба со министерката за европски интеграции, Јадранка Јоксимовиќ.

На средбата беше дискутиран напредокот на односите меѓу двете земји, како и предизвиците со кои двете земји се соочуваат при приближувањето кон Европската Унија.

„Ни претстои исклучително важен, може да се рече историски период од аспект на европските интеграции на двете земји. За безмалку две недели во Брисел ќе излезе стратегијата за проширување на Европската комисија, каде што се надеваме на првите сигнали во насока на европскиот оптимизам од страна на Брисел за процесот на проширување. Во наредните месеци ги очекуваме и извештаите за напредокот на земјите од страна на Европската комисија, по што во мај следува самитот за проширување на Европската Унија во Софија“, истакна Османи.

На средбата беше потенциран новиот момент во кој се наоѓаат земјите од Западен Балкан, кој беше оценет како историска шанса за помирување на народите на Балканот и затворање на сите отворени прашања, а во интерес на севкупната интеграција на Балканот во современите цивилизациските текови на Европа.

„Како претставници избрани од граѓаните да го предводиме овој процес, имаме обврска да не ја пропуштиме оваа можност, напротив, на секој можен начин да ја искористиме оваа шанса и да покажеме дека и земјите од Западен Балкан се европски земји; дека и земјите од Западен Балкан може да бидат дел од решението, а не дел од проблемот; и дека оваа наша определба не е само декларативна, туку и суштинска“, додаде Османи на средбата.

Покрај средбата со министерката Јоксимовиќ, Османи во рамките на посетата на Белград оствари средби и со претседателот на одборот за европски прашања во парламентот, Ненад Чанак, како и со координаторот на Националниот конвент за ЕУ на Република Србија, Наташа Драгојловиќ.

Посетата на Белград е дел од мини балканската турнеја што Османи ја почна на почетокот на месецот со посетите на Атина и Тирана, а по посетата на Белград, ќе продолжи и со посета на Софија.