14.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маневски: Македонија тоне во корупција, правдата е селективна

„Република Македонија тоне во корупција, а правдата во земјата е селективна. Корупцијата цвета, а функционерите од власта се недопирливи за органите на кривичниот прогон. За само осум месеци од доаѓањето на власт на СДСМ и коалицијата со ДУИ, Македонија падна во однос на индексот на корупцијата од 66. на 90. место. Тоа е влошување за цели 24 места, со што Република Македонија се става во друштво со некои африкански држави“, изјави денеска Михајло Маневски на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, осум месеци власта нема преземено ниеден случај, ниеден чекор во борба против корупцијата. „Најавата на Зоран Заев дека двајца членови на Владата се осомничени за корупција остана само фрлена мамка во јавноста, без реална завршница. Повеќе од три месеци нема никаква трага во врска со наводната истрага, а граѓаните се сомневаат во искреноста и вистинитоста на изјавата на Зоран Заев. Сомнежите не завршуваат само тука. Во екот на преговорите со Република Грција за името на државата фирмата на потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев, одеднаш стана предмет на интерес на грчкото електростопанство, и тоа само за неколку дена откако Кочо Анѓушев рече дека за него е прифатливо името Нова Македонија, Горна или Северна Македонија“, вели Маневски.

Според него, корупцијата и сомнителното работење станаа заштитен знак на Владата на СДСМ. „Кривичната постапка против Зоран Заев за кривичното дело „Поткуп“ на 200.000 евра не се одлепува од мртва точка. Повеќе од две години смислено се одложени 19 рочишта, кои надвор од правната логика се одлагаат на неколку месеци. А јавноста знае дека за случаите од СЈО рочиштата се закажуваат и по 2 и по 3 пати неделно. Случајот „Цареви Кули“ за противзаконската легализација на угостителски објекти со злоупотреба на положбата изградени по донесувањето на Законот за легализација на дивоизградените објекти не е ни почнат иако во јавноста излегоа многубројни докази за сторено кривично дело. Тоа ли е владеење на правото, тоа ли е еднаквост на граѓаните пред законот кој треба да важи за други, но не и за Зоран Заев. Тоа ли е борбата против корупцијата?“, вели Маневски додавајќи дека широко распространетата корупција и немањето волја од страна на државните органи за борба против неа ја уназадува државата, ја руши демократијата и го девалвира владеењето на правото. Сето тоа ја одвраќа Република Македонија од чекорите кон ЕУ и НАТО и ја зацементира на дното.

Спонзорирано: