20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Шекеринска – Столтенберг: Местото на Македонија е во НАТО

Македонија покажа дека има капацитет да спроведе реформи во духот на вредностите на НАТО, да се фокусира на демократските процеси, реформите во одбраната, да ги унапреди добрососедските односи и да стане фактор на стабилност во регионот.

Со доследно спроведување на реформите местото на Македонија е во НАТО – беше речено на денешната средба на министерката Шекеринска и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, соопшти Министерството за одбрана.

На средбата министерката посочила дека во Македонија меѓу граѓаните и на политичката сцена има недвосмислен консензус дека државата треба да биде полноправен член на НАТО и Европската Унија.

Исполнувањето на нашата стратешка цел Македонија да стане 30. членка на НАТО, рекла Шекеринска, е од големо значење не само за нашата земја туку и за мир и стабилност на Балканот. Министерката на средбата рекла дека членството на Македонија во НАТО е цел што ги обединува сите граѓани и околу која постои политички консензус. Министерката на средбата рекла и дека Македонија го исполнила ветувањето и го зголемила 20 отсто присуството во мисијата „Одлучна поддршка“.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, изразил задоволство од посветеноста на Владата и на Министерството на реформите и развојот на добрососедските односи и додал дека Македонија има целосна поддршка во реализацијата на овие реформи.

Како што соопшти МО, Столтенберг рекол дека ги поддржува напорите Македонија да стане членка на НАТО и дека има причини да се биде оптимист, без да се губи реалистичноста, бидејќи има уште предизвици.

„Го ценам вашиот придонес во мировните мисии. Вашето учество таму е бонус што ви дава аргумент дека сте сериозен кандидат за членство во НАТО. И зголемувањето на буџетот во одбраната е потег што придонесува во оценката на НАТО дека сте квалификувани да станете член на алијансата“, рекол Столтенберг.

Средбата на Шекеринска и Столтенберг се одржа во Министерството за одбрана, што е прва посета на генерален секретар на НАТО на Министерството по повеќе од една деценија.