8.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ново судско рочиште за набавката на 300 полициски возила

Во Основниот суд Скопје 1 е закажано судењето за случајот „Триста“ во кој СЈО го гони поранешниот помошник-министер Ѓоко Поповски за нелегална набавка на 300 возила за потребите на МВР. Ова е последно од закажаните рочишта за предметите на СЈО за 2017 година.

Рочиштата ќе продолжат во втoрата половина на јануари кога овој и дел од другите предмети ќе почнат од почеток поради новиот распоред на претседателот на судот, Иван Џолев, кој судиите кои судеа организиран криминал ги распореди од јануари да судат прекршоци.

Случајот „Триста” се однесува на набавка на 300 возила за потребите на МВР, односно за оштетување на државниот буџет за 453.570 евра, а за што е обвинет Ѓоко Поповски. Тој, според СЈО, тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.

Во овој случај во судница треба да се појават вештак и невролог кои треба да кажат дали Поповски, кој тврди дека е во лоша здравствена состојба, може или не да го следи судскиот процес.

Снимките од прислушуваните разговори се прифатени како докази и за овој случај на СЈО.