11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Децата се најранливата категорија кога станува збор за насилство

Децата се најранливата категорија кога станува збор за насилство и занемарување и затоа треба да им се посвети посебно внимание и грижа. Ова го истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на конститутивната седница на Националното координативно тело за заштита на децата од злоупотреба и занемарување.

„Траумите од претрпено насилство и недостиг на грижа во детството оставаат неизбришливи траги и последици во понатамошниот живот на човекот и затоа превенцијата треба да биде врвен приоритет во сите активности“, рече Царовска.

Според неа, заштитата и превенцијата бараат мултисекторски пристап, кој се овозможува токму преку работата на ова тело.

На седницата, претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, презентира за влијанието што насилството, запоставувањето и нефункционалното родителство го имаат врз долгорочниот развој на децата, нивните семејства и општеството. Препознавајќи ги основните причини што доведуваат насилството да опстојува во земјата, Перкс повика на потребата од изготвување меѓусекторска стратегија за зајакнување на интервенциите во јавното здравство и детската заштита и за поддршка на родителите.

Претседателот на Советот за превентива против малолетничка деликвенција, Лазар Нанев, на седницата презентира индикатори за следење на состојбата со деца жртви, изготвени за потребите на Националното координативно тело.