Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Османи: Македонија заслужува напредок во интеграциите кон ЕУ и НАТО

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со италијанските сенатори Ванино Кити и Пјетро Лиуци, кои се и претставници на Комисијата за европски политики на Сенатот на Република Италија.

За време на средбата се разговараше за евро-атлантските перспективи на нашата земја, како и за билатералната соработка помеѓу двете земји. Вицепремиерот Османи изрази благодарност за досегашната поддршка од страна на Република Италија за нашите евро-атлантски аспирации, како и за поддршката на Италија за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ како основа за регионалната стабилност. Во таа насока беше констатирано дека Република Македонија заслужува напредок во приближувањето кон Европската Унија и НАТО, а соодветно на успехот во отстранувањето на пречките на тој пат, и почнување преговори за членство во Унијата и покана за членство во Алијансата.
„Улогата на Европскиот парламент, но и на националните парламенти е клучна за процесот на проширување на Унијата. Резолуцијата усвоена во италијанскиот парламент, која ја обврзува Владата активно да учествува во забрзувањето на процесот на проширување, претставува јасно изразена поддршка“, истакна Османи.

Османи изрази благодарност и за одличната организација на Самитот на премиери на земјите од Западниот Балкан во Трст пред неколку месеци на кој, како дел од Берлинскиот процес, беа најавени значајни средства за поддршка на Коридорот осум во Македонија.
„Финансиската помош што беше најавена во Трст пред неколку месеци беше потврдена пред само два дена, во Франкфурт, каде управувачкиот комитет на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и формално ги одобри седумдесетте милиони евра за пругата кон Бугарија, но и за Основниот проект за автопатот од Скопје кон Косово“ – истакна Османи.