10.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Се формира координативно тело за борба против загадувањето

Договорено е формирање координативно тело за борба против загадувањето во кое би учествувале сите скопски општини, Град Скопје и  Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање.
Од Општина Аеродром информираат дека градоначалникот на Општината, Златко Марин, вчера остварил средба со заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, и експерти од областа на заштита на животната средина и енергетска ефикасност на која се дискутирало за потенцијалните мерки кои би се реализирале на краток и подолг рок.
„Соработката почнува во рамките на проектот ‘Пријави загадувач’ со цел да се опфатат сите правни субјекти за кои се надлежни различни институции. Конкретно, Општина Аеродром е надлежна за правните субјекти кои се задолжени со елаборати за животна средина, за правни субјекти со Б интегрирана дозвола е надлежен Град Скопје, а за индустриски капацитети/производни погони кои  поседуваат А-интегрирана дозвола е надлежно Министерството за животна средина и просторно планирање“, велат од Општина Аеродром.
Оттаму изразија надеж дека координативното тело ќе овозможи ефикасни и навремени интервенции за сите правни субјекти и дека преку оваа соработка ќе успеат да воспостават и интегрирана база на загадувачи, кои сите служби ќе можат редовно да ги следат и регулираат.
Како мерка против загадувањето Општина Аеродром воведе двосменско работење на комуналните инспектори, кои се достапни секој ден од 08:30 до 22:00, на телефонскиот број ‎075 316 515.
Спонзорирано: