20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Промоција на роман од Фросина Пармаковска во „Менада“

На 14 декември во клубот „Менада“ ќе се одржи промоција на романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска во издание на ИЛИ-ИЛИ.

Свое видување за ова книжевно дело ќе дадат Лидија Капушевска – Дракулевска и Далибор Плечиќ.

„Романот ‘Одбројување’ на Фросина Пармаковска е исклучителен од неколку аспекти. Освен тоа што ја отвора проблематиката на современиот македонски хронотоп, отвора уште една ‘табу-тема’ во македонската книжевност, навидум обична и банална, темата на бракот и семејството. Пармаковска ни ја открива оваа сложена, слоевита, болна и трауматична тема низ гласот на единствениот женски наратор, кој истовремено е и централен лик на романескната приказна. Се работи за жена којашто млада влегува во брак, а со тоа влегува и во мрежата на семејното и психолошкото насилство. Ова е особено нагласено во првиот дел на романот, а во вториот и третиот дел на романот се менуваат ракурсот: акцент се става на централната, но и паралелната приказна (на свекорот и свекрвата) каде што Пармаковска отвора уште една горлива тема, темата на македонскиот (или балканскиот тип на патријахалната, патро и андро центричната устроеност на семејствотото)“, нагласуваат од издаваштвото ИЛИ-ИЛИ.

Инаку, Фросина Пармаковска е родена во Скопје во 1985 година и дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а магистрирала на Културолошки студии, на Институтот за македонска литература. Во 2013 година го објавува својот прв роман „Пишувајќи ги изгубените топки“. Наредната, 2014 година, во издание на ИЛИ-ИЛИ е објавен нејзиниот втор роман „Вишнова хроника“, кој влегува во финалето за наградата Роман на годината од „Утрински весник“. Овој роман е преведен на бугарски и на украински јазик. Фросина Пармаковска е автор и на една книжевно-теориска книга со наслов „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“, 2016 година, во издание на ИЛИ-ИЛИ.