13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Рурална коалиција: Земјоделците му даваат двојка на надлежното министерство

Земјоделците не се задоволни од работата на Министерството за замјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), а критиките главно се однесуваат на периодот од 2013 до 2016 година. Ваква е оценката од истражувањето што го спровела „Рурална коалиција“, а во кое биле опфатени 400 земјоделци од сите региони во државава.

Согласно со истражувањето, 45 проценти од испитаниците, на скала од 1 до 5, работата на МЗШВ ја оцениле со „двојка“, додека 21 процент со „единица“.

Истражувачите оцениле дека најголемо незадоволство постои во однос на нефункционалноста на работните тела кои треба да го обезбедат учеството на земјоделците во креирањето и спроведувањето политики во оваа област.

Шестнаесет проценти имаат информација како може да се вклучат во работата на Министерството, а 5 проценти од земјоделците се изјасниле дека се дел од некое работно тело или комисија на надлежното министерство.

Во рамките на ова истражување биле реализирани и десетина интервјуа со лица вработени во различни сектори на МЗШВ. Повеќето од нив сметале дека за да допре до земјоделците, Министерството активно ги користи сите канали на комуникација, почнувајќи од официјалната интернет-страница, па сѐ до промотивни материјали, кампањи и директни средби со земјоделците преку подрачните единици на Министерството.

Земјоделците и вработените во Mинистерствоto за земјоделство се согласуваат во една работа, а тоа е дека работните тела кои според Законот за земјоделство и рурален развој треба го обезбедат учеството на земјоделците во процесите на креирање и спроведување политики се целосно нефункционални и нивното постоење е само формално спроведување на законските одредби.
Анализата на документите и на интернет-страницата, пак, покажува дека МЗШВ има неколкугодишен застој во подготовката и објавувањето на своите годишни извештаи за работа. Последен таков документ е достапен за 2012 година. Од таа година датираат и назначувањата на членови и секретари на потсекторски групи.

Истражувањето на перцепциите и ставовите на земјоделците и вработените во МЗШВ за работењето, отвореноста и функционалноста на Министерството, во периодот 2013 – 2016, Рурална коалиција го реализираше во рамки на проектот „Отчетност за сработеното со парите на граѓаните – реформа на јавната администрација која тешко се достигнува“.

Овој проект е дел од проектот „Граѓанска алијанса за транспарентност – набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“, на Фондацијата Отворено општество – Македонија и Евротинк – Центар за европски стратегии, а финансиран од Европската Унија.

Спонзорирано: