23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
SHOWBIZ

Почина Бранко Лустиг, продуцентот на „Шиндлерова листа“ и „Гладијатор“

Филмскиот продуцент Бранко Лустиг почина утрово на 88-годишна возраст во Загреб, пишува „Национал“.

Лустиг е најпознатиот хрватски продуцент и добитник на два Оскара за филмовите „Шиндлерова листа“ во 1993 година и „Гладијатор“ во 2000 година.

Тој ја започна својата кариера во поранешна Југославија, работејќи на филмовите „Не свртувај се синет“ и „Козара“. Во осумдесеттите години, тој замина во Лос Анџелес каде што го запознава Стивен Спилберг, со кого го направи филмот „Шиндлерова листа“ за кој доби Оскар.

Како влијателен продуцент има работено на бројни филмски хитови како што е „Гладијатор“ за кој освои уште еден Оскар. Но, тој работел и на други блокбастери, од кои некои се „Ханибал“, „Пад на црниот јастреб“, „Добра година“.

Пред околу десетина години се врати во Хрватска каде што беше претседател на Фестивалот на толеранција – еврејскиот филмски фестивал.

Во интервју за „Национал“ на прашањето зошто решил да се врати во Хрватска од Лос Анџелес, тој рече: „Искрено, се вратив да умрам овде. Прекрасен е Холивуд, запознав одлични актери, работев со нив, но сепак ова е мојата земја и многу нешта доживеав овде – убави, но и вознемирувачки. Тука имам многу пријатели, во Америка имам многу познајници, но само Спилберг е мојот пријател”.

Бранко Лустиг е роден во Осиек во 1932 година. Поради своето еврејско потекло, тој бил затвореник на злогласните концентрациони логори Аушвиц и Берген-Белсен за време на Втората светска војна. Повеќето членови на неговото семејство исчезнале во концентрационите логори низ цела Европа, вклучително и неговата баба која била убиена во гасна комора и неговиот татко кој бил убиен во Чаковец. Неговото искуство од логорот е вградено во филмот „Шиндлерова листа“./Makfax