24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Државниот завод за статистика ќе го тужи Мицкоски

Државниот завод за статистика ќе го тужи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за клевета во врска со изнесените обвинувања дека Заводот објавувал неточни и фабрикувани извештаи по нарачка на владата.

„Во врска со изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Христијан Мицкоски, на прес-конференцијата одржана на 25.10.2019 година, дека Државниот завод за статистика фабрикува извештаи по нарачка на владата, директорот на Државниот завод за статистика изјавува дека во целост ги отфрла и демантира изјавите и шпекулациите на г. Мицкоски како неточни и лажни. Државниот завод за статистика е професионална и независна институција, чија што работа е под постојан мониторинг и евалуација на Евростат, додека пак економските и монетарните статистики истовремено се и под мониторинг на ММФ. Поради изнесените клевети, Државниот завод за статистика ќе поднесе тужба за клевета до г. Мицкоски и до ВМРО-ДПМНЕ“, соопштија од Заводот за статистика.

Мицкоски на прес-конференцијата рече дека има индиции оти Заводот за статистика фабрикува, пушта во јавност нерелевантни податоци и најави дека овој случај кога ќе дојдат на власт ќе го истражат до крај.

„Имаме дојави од поранешни вработени во Заводот дека оваа институција дава неточни информации и ова е сериозен срам за државата. Се работи за класична измама која детално ќе ја истражиме. Ги предупредуваме и вработените во заводот да не наседнуваат на притисоците што им се вршат за да не бидат учесници во кривично дело“, кажа Мицкоски./Makfax