Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун пристигна во Сингапур, објави на Твитер тамошниот министер за надворешни работи, Вивиан Балакришнан, а пренесе „Ројтерс“.
„Му посакав добредојде на претседателот Ким Џонг-ун, кој самошто пристигна во Сингапур“, напиша на социјалната мрежа Балакришнан, кој објави и фотографија како се ракува со Ким кој носи темно маоистичко одело и наочари.
Сингапурскиот весник „Стрејтс тајмс“ претходно објави дека Ким пристигнал со авион, два дена пред долгонајавуваниот самит со американскиот претседател, Доналд Трамп, во азискиот град-држава.
Ким пристигнал со приватен „боинг 747“ на аеродромот „Чанги“. Приватниот авион на лидерот на Северна Кореја утрово полетал од Пјонгјанг кон Сингапур.
И друг, товарен авион, кој претходно го следеше Ким Џонг-ун, за време на неодамнешната посета на Кина, полетал истовремено од главниот град на Северна Кореја, најверојатно кон Сингапур, објави британската агенција.