17.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

Тевдовски: За разлика од порано, граѓаните сега имаат контрола врз трошењето на државните пари

Подобрена е состојбата во јавните финансии во Македонија, што е потврдено од меѓународните финансиски институции и Европската комисија, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во изјавата по повод една година од формирање на Владата.

„За разлика од порано, граѓаните сега имаат контрола врз трошењето на државните пари, домаќински се троши, а инвеститорите и меѓународните финансиски институции ја вратија довербата во фискалната политика. Преку повеќе мерки се работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните“, рече Тевдовски.

Како што посочи министерот за финансии, по доаѓањето на Владата, граѓаните имаат увид во тоа каде им се трошат парите, преку низа мерки за унапредување на транспарентноста.

„Една од првите мерки беше подготовката на Граѓански буџет. Со тоа јавните финансии станаа достапни и поразбирливи за граѓаните. Сега се објавуваат низа извештаи за извршување на буџетот, кои порано не се објавувале. Јавно достапни се договорите за јавни набавки на институциите“, изјави Тевдовски.

Министерот за финансии истакна дека покрај увидот во тоа каде се трошат државните пари, јавноста сега има и активна улога во носењето на буџетот. Додаде дека на јавна дискусија бил ставен и законот за јавни набавки.

„За разлика од порано, државните пари сега се вложуваат во вистински работи. Се инвестира во подобрување на животот на граѓаните. Сега парите не се фрлаат на панорамски тркала, на споменици, на фасади, на палми и жални врби. Сега се издвојуваат средства за клучните столбови на општеството – за повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Се издвојуваат повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и највисока сума досега за мерки за вработување“, вели Тевдовски.

Министерот потенцира и дека Владата отплатила голем број од обврските оставени од претходниот состав.

„За првпат после подолг период брзорастечкиот јавен долг е ставен под контрола. За првпат после 9 години имаме намалување на јавниот долг на годишно ниво. Каматите по кои се позајмуваат средства сега се значително намалени. Повратот на ДДВ се одвива брзо и неселективно, што значително придонесува во подобрување на ликвидноста на фирмите“, истакна Тевдовски, кој додаде дека периодов е зголемена е и довербата на инвеститорите.

Министерот за финансии вели дека приоритет на Владата е подобрување на животниот стандард на граѓаните и потсети дека во таа насока е и една од првите мерки кои Владата ги донела, односно покачувањето на минималната плата.

Спонзорирано: