Тевдовски: ЕБОР сака да инвестира во гасоводна мрежа во општините

Два крупни проекти од областа на гасификацијата најави министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествува на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Јордан. Првиот се однесува на изградба на секундарна гасоводна мрежа во општините, а вториот за изградба на магистрален гасовод помеѓу Македонија и Грција. ЕБОР е заинтересирана за финансирање на двата проекта.

„ЕБОР во моментот финансира два проекта во областа на енергетската инфраструктура во Македонија. Планираме во блиска иднина да ги зголемиме капиталните инвестиции, пред сè во енергетиката. Тука зборувавме и имаме начелна согласност за учество на ЕБОР во два значајни проекти. Првиот е за изградба на секундарна гасификациона мрежа во повеќе општини во различни региони. Големината на проектот е проценета на околу 50 милиони евра. Покрај кредитна линија, за овој проект побаравме и грант-средства кои треба да обезбедат и изработка на техничка документација на проектот“, рече министерот за финансии.

Тевдовски посочи дека вториот проект од областа на гасификацијата за кој се дискутирало на средбите е интерконекција со гасовод на Македонија и Грција. „Тоа е важен проект. Веќе имаме добиено писмо за интерес од страна на Европската инвестициска банка за финансирање на проектот, а има интерес и од грчката страна за негова реализација“, истака Тевдовски.

Во рамки на Годишните средби на ЕБОР, министерот Тевдовски учествуваше на Тркалезната маса на Бордот на гувернери. Тевдовски оствари и повеќе билатерални средби. Фокусот на дискусијата е реализација на тековните, но и договарање идни проекти.

Во тренд…