20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Картелот на власт ја носи Македонија сѐ поблиску до должничко ропство

Економското цунами олицетворено во СДСМ и црното економско трио Заев, Тевдовски и Анѓушев ја опустоши македонската економија и ги осиромаши македонските граѓани, велат во соопштение од опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека додека цените на основните продукти потребни за живот растат, просечната плата е во слободен пад.

„Малопродажните цени во април пораснаа за 3 проценти споредбено со лани, додека трошоците за живот се зголемени за 1,4 проценти, а платите во февруари годинава во однос на јануари се пониски за 867 денари. Зоран Заев и неговите соучесници во економскиот геноцид треба да ги симнат своите розови очила и да се соочат со реалноста прикажана во овие бројки која секојдневно ја живеат македонските граѓани“, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека црното економско трио Заев, Тевдовски и Анѓушев само во првите три месеци од годината секое македонско семејство го задолжиле за нови 600-тини евра, односно вкупно ја задолжиле државата за нови 300 милиони евра.

„Секој граѓанин на Република Македонија има долг од 2 500 евра, а просечното четиричлено семејство има долг од неверојатни 10 илјади евра од вкупниот долг на државата. Картелот на власт ја носи Македонија сѐ поблиску до должничко ропство, јавниот долг ја помина границата од 5 милијарди евра, државниот границата од 4 милијарди евра, а сè уште нема ни трага ни глас од ветениот семафор на Триумфалната порта кој требаше да го отчитува долгот на државата и да покаже транспарентност“, се наведува во соопштението.

Од опозициската партија констатираат дека наместо да работат за интересите на државата и граѓаните, картелот работи исклучиво за своите лични интереси.

„Македонскиот граѓанин, како и целата економија се во постојан грч, родителите се плашат за иднината на своите деца кои ќе треба да ја плаќаат цената за неспособноста на оваа криминална власт. Злосторничкото здружение на власт мора час поскоро да си замине“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Спонзорирано: