20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОТОП ВЕСТИ

Град Скопје со проект за прочистување на водите на Вардар

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, и Златан Икономов, технички директор во ЈП „Водовод и канализација“, денеска го потпишаа договорот за спроведување на ИПА-проектот „Подобрување на инфраструктурата за отпадни води во градот Скопје“.

„Грижата за здрав живот на сите граѓани нè обврзува да вложуваме и да се грижиме за животната средина. Отпадните води се предизвикувач на големо загадување на водите и на целата животна средина. Испуштањето отпадни води во реката Вардар влијае на квалитетот на водата и живиот свет во неа. Со реализација на проектот ќе овозможиме заштита на реката од загадувањето преку затворање неколку испусти на отпадни води што директно се излеваат во реката Вардар“, изјави Шилегов.

Во своето обраќање тој посочи дека тоа ќе се постигне преку изградбата на колектори од двете страни на Вардар во подрачјето на Скопје и претставува чекор напред во заложбите на Градот водите на реката Вардар да ја добијат природната боја, а степенот на чистота на реката да се подигне на највисоко можно ниво.

„Една престолнина на европска држава е несфатливо да функционира без централна пречистителна станица, а финансиската помош што ја дава Европската Унија преку своите фондови и поддршката од Владата на Република Македонија се од големо значење за сите нас што директно се вложуваме да создадеме и одржиме здрава и чиста животна средина“, истакна Шилегов.

Со реализацијата на овој проект ќе се заштитат водите на реката Вардар, а со изградбата на колекторите ќе се создадат и главните предуслови за изградба на централна пречистителна станица за градот Скопје за што Владата се обврза да започне најдоцна до 2020 година.

Проектот, за чија реализација ќе се потрошат над 10 милиони евра, ќе се финансира од средствата на ЕУ и од буџетот на Република Македонија.