14.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Шолц за ракетите Таурус за Украина: Невозможна испорака без германски војници

Германскиот канцелар Олаф Шолц во средата ја бранеше одлуката да не се снабдува Украина со ракети Таурус со долг дострел со цел да се спречи конфликт меѓу НАТО и Русија.

Обраќајќи им се на членовите на парламентот, тој рече дека напредното оружје со долг дострел не може да се испорача без да се доделат германски војници во таква мисија.

– За мене не доаѓа предвид испорака на такви системи со долг дострел, чие инсталирање би можело да биде разумно само доколку вклучува и распоредување на германски војници за оваа мисија, дури и надвор од Украина. Тоа е линија што јас како канцелар не сакам да ја преминам – рече Солц.

Тој нагласи дека употребата на моќни, софистицирани ракетни системи без надзор на германската војска може да има несакани последици.

– Станува збор за оружје со долг дострел што достигнува и до 500 километри. За мене не би било одговорно да го поставам овој вооружен систем без учество на германски војници – нагласи Солц.

Тој ги отфрли критиките од опозициските пратеници дека ја блокира испораката на ракетите Таурус во Украина, бидејќи не му верува на Киев и стравува дека Украинците би можеле да ги искористат за напад на Москва.

– Сакам да го кажам ова експлицитно. Имаме доверба во Украина. Затоа Германија е убедливо најголемиот снабдувач на оружје за Украина меѓу европските земји – рече Шолц, додавајќи дека неговата влада досега одвоила или ветила 28 милијарди евра воена помош за Украина.

Украина постојано бара од Германија крстосувачки ракети Таурус. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба минатиот месец изјави дека оружјето на Киев не му е потребно за да ја нападне Москва, туку да ја уништи руската воена инфраструктура долж линијата на фронтот на украинска територија.

Спонзорирано: