11.8 C
Скопје
14. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Орбан го опиша планот на Трамп да стави крај на војната во Украина: „Нема да им даде ниту пени“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој во петокот се сретна со американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, во интервју за ТВ каналот М1 тврди дека Трамп има „прилично детални планови“ за ставање крај на војната во Украина.

Орбан изјави дека плановите на Трамп се во согласност со интересите на Унгарија. „Тој има многу јасна визија со која е тешко да не се согласите. Тој го кажува следното: Прво, нема да даде ни пени за руско-украинската војна. Затоа војната ќе заврши, бидејќи е очигледно дека Украина не може да застане на свои нозе“, изјави унгарскиот премиер.

„Ако Американците не дадат пари и оружје заедно со Европејците, војната ќе заврши. И ако Американците не дадат пари, тогаш Европејците нема да можат сами да ја финансираат оваа војна. И тогаш војната исто така ќе заврши“, додаде тој. Според Орбан, САД повеќе не сакаат да ја финансираат безбедноста на Европа.

„Ако Европејците се плашат од Русите или воопшто сакаат да имаат високо ниво на безбедност, тие мора да платат за тоа. Или со изградба на своја војска и своја опрема или, ако за тоа ги користат Американците, со плаќање на цената за Американците, цената на безбедноста. Така тој (Трамп) зборува директно и јасно“, рече унгарскиот премиер.

Тој потсети дека Трамп е „првиот претседател по долго време кој не започна војна за време на неговиот мандат“. Значи, веќе знаеме за него, веќе знаеме од неговото претседателствување, дека е човек на мирот“, посочи тој.

„И тој сега не ги крие своите ставови: јасно стави до знаење дека неговата цел е да донесе мир во руско-украинската војна. Ние сакаме прекин на огнот што е можно поскоро. Сакаме предвремен крај на оваа војна. Не гледам некој друг кој има поголема решителност и сила за тоа од Доналд Трамп“, продолжи тој.

Орбан се сретна со Трамп на Флорида. Двајцата разговараа за „широк опсег на прашања кои ги засегаат Унгарија и Соединетите Држави, вклучително и огромното значење на силните и сигурни граници за заштита на суверенитетот на секоја нација“.

Орбан по средбата повторно беше полн со пофалби за Трамп, нагласувајќи дека „светот би бил подобро место“ доколку поранешниот американски претседател се врати на власт. Трамп, од друга страна, му упати комплименти на Орбан, нарекувајќи го „фантастичен лидер“. Средбата наиде на критики од актуелниот американски претседател Џо Бајден.

Американскиот претседател Џо Бајден во петокот го критикуваше републиканскиот ривал Доналд Трамп за средбата со Виктор Орбан, велејќи дека унгарскиот премиер се обидува да воспостави диктатура. „Дали знаете со кого се среќава во Мар-а-Лаго денес“, ги праша Џо Бајден поддржувачите за време на предизборниот митинг. „Орбан од Унгарија, кој отворено рече дека не мисли дека демократијата функционира и дека сака диктатура“.

„Гледам иднина во која ја браниме демократијата, а не во која ја слабееме“, изјави 81-годишниот демократ, за кого оваа тема е една од главните во кампањата против Доналд Трамп.

Џо Бајден уште еднаш ги осуди коментарите на 77-годишниот поранешен претседател на САД кој рече дека ќе го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да ги нападне земјите од НАТО кои не придонесуваат доволно финансиски за Алијансата.

Унгарија е единствената членка на Европската унија која одржува блиски врски со Кремљ и покрај руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Орбан одбива да испрати каква било воена поддршка за Украина и редовно повикува на прекин на огнот, убеден дека Киев не може да победи. Трамп ги повикува своите поддржувачи во Конгресот да ја блокираат американската воена помош за Киев во вредност од 60 милијарди долари, која ја бара претседателот Бајден.