18.8 C
Скопје
9. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Средба на претседателот Пендаровски со министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими министерката за надворешни работи на Романија, Луминица Одобеску, која престојува во работна посета на нашата држава.

Соговорниците на средбата разговараа за актуелните состојби поврзани со европските аспирации на нашата држава и текот на скрининг-процесот. Заблагодарувајќи се за поддршката којашто Романија ја дава за остварување на стратешките определби на нашата земја, претседателот Пендаровски посочи на потребата за напредок во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, во функција на стабилност, безбедност, демократски развој и просперитет на регионот.

Истовремено, претседателот Пендаровски го поздрави потпишувањето на акциониот план за соработка меѓу министерствата за надворешни работи во следните две години и протоколот за соработка во областа на образованието, коишто ќе придонесат за натамошно унапредување на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Романија.

Министерката Одобеску и претседателот Пендаровски разговараа и за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, соработката во рамки на НАТО-алијансата и на ОБСЕ, како и за состојбите во поширокиот регион, вклучувајќи ги случувањата во Украина и на Блискиот Исток.