18.8 C
Скопје
13. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ПОЧНА ЛИ КОПНЕНАТА ОФАНЗИВА НА ИЗРАЕЛ?: Во тек се жестоки напади врз Газа, „проширени“ се копнените операции

Израелската армија во петокот вечерта соопшти дека ги „проширува“ своите копнени операции во Појасот Газа, со пожар без преседан од почетокот на војната со палестинскиот Хамас.

Хамас извести за „тешки, насилни борби“ меѓу неговите борци и израелските сили, кои, според палестинското исламистичко движење, упаднале во две области на Појасот Газа по копно.

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади предупреди на состанокот на Генералното собрание на ОН во Њујорк дека копнената инвазија на Израел во Појасот Газа ќе предизвика „хуманитарна катастрофа од колосални размери, која ќе трае со години“.

ОН, кои повикуваат на примирје, соопштија дека стравуваат од „лавина од невидено страдање“ на малата палестинска територија од само 362 квадратни километри, опколена и лишена од се, каде што се преполни 2,4 милиони жители.

Израелската војска посочи дека во вечерните часови „многу значително“ ги засилила нападите врз Појасот Газа каде што ги „проширува“ копнените операции.

Во Газа се исклучени сите телекомуникации и интернет.

Хамас го повика светот „веднаш да реагира за да го запре бомбардирањето од воздух, море и копно“, но посочи дека е „подготвен“ за израелска копнена офанзива и истрела „волеј од ракети“ кон Израел.

Во петокот вечерта, небото над Појасот Газа е црвено и портокалово, пламно од експлозии и пожари предизвикани од израелскиот напад.

„Доколку не дојде до суштинска промена, населението на Газа ќе претрпи невидена лавина човечко страдање“, предупреди генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„Многу“ луѓе „наскоро ќе умрат“ поради опсадата што Израел ја наметна на Газа од 9 октомври, изјави во Ерусалим шефот на Агенцијата на ОН за бегалци (УНРВА), Филип Лазарини.

„Основните услуги пропаѓаат, залихите со лекови, храна и вода се при крај, канализацијата почнува да се излева на улиците на Газа“, опиша тој.

ОН, исто така загрижени за можните „воени злосторства“, повикуваат на прекин на огнот во борбите, единствената опција за испорака на многу потребната помош за Газа.

Како увертира за многу рекламираната копнена офанзива, израелската војска изведе два воздушни напади во изминатите 48 часа со копнени трупи, насочени кон Хамас, кој го обвинува дека води војна од болниците и го користи населението како „човечки штит“.