23.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+СВЕТ

Израел даде нов рок за евакуација: Обединетите нации предупредија на хуманитарна катастрофа

Израелската армија денеска објави нова временска рамка за движење на цивилите во северниот дел на Газа на југ од областа. Жителите можат да заминат од 10 часот по локално време до 13 часот по препорачаната рута, напиша портпаролот на израелската армија на арапски во објава на Икс, платформата порано позната како Твитер.

Израелската армија најави дека нема да ја нападне рутата во тој временски „прозорец“. Луѓето кои се грижат за безбедноста на своите семејства треба да се упатат кон југ, се вели во соопштението на израелските вооружени сили. Имаше информации и дека Хамас ги спречува цивилите да бегаат.

Израел постојано ја обвинуваше исламистичката организација дека го злоупотребува сопственото население како жив штит. Израел, исто така, користи летоци за да ги пренесе повиците за евакуација до жителите на Газа. Израелската војска тврди дека стотици илјади Палестинци веќе се преселиле во јужниот дел на Газа по претходните повици за евакуација. Според некои податоци, повеќе од милион луѓе се веќе иселени.

Повикот за евакуација се однесува на повеќе од милион Палестинци на северот пред израелската копнена операција во областа. Обединетите нации ги критикуваа наредбите и предупредија на хуманитарна катастрофа.

Египетските безбедносни извори соопштија дека египетската страна на границата со Газа се засилува и дека Каиро нема намера да прифати масовен прилив на бегалци. Заедно со Израел, Египет е единствениот што граничи со Појасот Газа.

„Њујорк тајмс“ доцна синоќа, повикувајќи се на неколку високи израелски извори, објави дека израелската војска го одложила планираниот упад во Појасот Газа, кој го контролира Хамас за неколку дена поради лошите временски услови, односно облачното небо што би го отежнало за израелските пилоти и оператори со беспилотни летала да обезбедат воздушна поддршка за копнените сили.

Израелската војска соопшти дека подготовките за „интегриран и координиран воздушен, морски и копнен напад“ врз Појасот Газа се при крај.

Целта на Израел е да го уништи политичкото и военото раководство на исламистичката организација Хамас, која истрела илјадници ракети врз Израел додека стотици негови војници упаднаа на границата во невиден ненадеен напад минатиот викенд, во кој загинаа повеќе од 1.300 луѓе.

Израел одговори со одмазднички воздушни напади врз крајбрежната енклава во кои досега загинаа повеќе од 2.300 луѓе. Тајмс пишува дека копнената операција би можела да го вовлече Израел во повеќемесечна урбана војна.

Денеска, во објава на социјалните мрежи, Иран предупреди дека ситуацијата може да излезе од контрола со „далекосежни последици“ доколку не се запрат „воените злосторства и геноцидот“ на Израел.

Најавата за мисијата на Иран во ОН на платформата X дојде откако Аксиос објави дека Техеран го предупредил Израел во порака испратена преку ОН дека ќе мора да одговори доколку Израел започне копнена офанзива во Појасот Газа.