13.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Ал Каеда се заканува: Нека џихадот против агресивните Евреи се прошири во секоја земја

Терористичката организација Ал Каеда ги повика симпатизерите да почнат да ги напаѓаат Евреите и нивните сојузници ширум светот.

– Џихадот против агресивните Евреи и нивните сојузници нека се прошири на секоја земја, море и небо – стои во соопштението објавено вчера преку вообичаените пропагандни канали на терористичката мрежа.

„Синовите на исламот“ треба да ги нападнат „ционистите“ на места како што се улиците на Дубаи, Абу Даби, Саудиска Арабија и Бахреин, пишува Ал Каеда.

Терористичката група ги повика симпатизерите и другите исламисти да им се придружат во борбата.

Борците на Хамас извршија масакри минатата сабота, убивајќи повеќе од 1.300 луѓе во израелските погранични градови и на музички фестивал, а повредија 3.391.

Израел одговори со силно воздушно бомбардирање на Газа. Повеќе од 1.900 Палестинци се убиени, а повеќе од 7.696 се ранети во израелските напади, според Министерството за здравство на Газа.

Ал Каеда ги повика милитантите да ги нападнат поддржувачите на Израел.

– Протресете ја земјата под американските воени бази, нивните аеродроми и амбасади во нашите исламски региони. Затоа што од нивните магацини таа муниција оди во Израел и паѓа врз главите и градите на нашите браќа Палестинци – стои во соопштението на терористичката мрежа.

Останува прашањето колкаво влијание има терористичката група. Таа ја презеде одговорноста за нападите на 11 септември 2011 година во САД пред повеќе од 20 години.

Основачот и поранешен лидер на организацијата Осама бин Ладен беше убиен од американските специјални сили во Пакистан во 2011 година.

Наследникот на Бин Ладен, Ајман ал-Савахири, беше убиен во напад со беспилотно летало во авганистанската престолнина Кабул во летото 2022 година.