12.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТТЕХНОЛОГИЈА

Маск, Цукерберг и Гејтс разговараа за регулирање на вештачката интелигенција со конгресмени во САД

Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг и извршниот директор на Алфабет, Сундар Пичаи, денеска се сретнаа со американски конгресмени во Капитол на затворен форум за регулирање на вештачката интелигенција.

Законодавците разгледуваат начини да ги ублажат опасностите од новата технологија, која доживеа бум во инвестициите и популарноста кај потрошувачите по објавувањето на ЧатГПТ на ОпенАИ.

„За нас е важно да имаме судија“, им рече Маск на новинарите, додавајќи дека регулаторот е потребен „за да се осигура дека компаниите преземаат активности кои се безбедни и од општ јавен интерес“.

Сенаторот од Њу Џерси, Кори Букер, ја пофали дебатата, истакнувајќи дека сите учесници се согласија „владата да има регулаторна улога“, но изработката на закони ќе биде предизвик.

Законодавците сакаат заштитни мерки против потенцијално опасни „дипфејк“ видеа, мешање во изборите и напади врз критичната инфраструктура.

„Денес започнуваме огромен, комплексен и витален потфат: градење на основата за надпартиска политика за вештачка интелигенција што Конгресот може да ја усвои“, рече лидерот на демократите во американскиот Сенат, Чак Шумер во своето воведно обраќање.

„Конгресот мора да игра улога бидејќи без Конгресот нема да ги максимизираме придобивките од вештачката интелигенција или да ги минимизираме ризиците“, додаде тој.

На состанокот, меѓу другите, беа шефот на Нвидиа, Џенсен Хуанг, првиот човек на Микрософт, Сатја Надела, ИБМ, Арвинд Кришна, поранешниот шеф на Микрософт, Бил Гејтс и други.

Шумер, кој разговараше за вештачката интелигенција со Маск во април, рече дека учесниците ќе разговараат „зошто Конгресот треба да дејствува, кои прашања да ги поставуваат и како да се изгради консензус за безбедни иновации“.

Маск и другите технолошки лидери и експерти за вештачка интелигенција повикаа во март на шестмесечна пауза во развојот на системи за вештачка интелигенција понапредни од ГПТ-4 на ОпенАИ поради потенцијалните ризици за општеството.

Спонзорирано: