21.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Политикантска банда што профитира од лагите, а најмногу од тагата и гневот на обичните луѓе

ЏАБИР ДЕРАЛА

Оценката дека дваесет години во Онкологија немало справување со проблемите – не е точна. Здравството во целост – откако знам за себе – е морбиден простор за предвремена смрт на едни и богатење на други. Уште од времето на социјализмот па наваму, речиси сите семејни трагедии ми се поврзани со тие злокобни болнички ходници.

Лични искуства: Измешани чувства

Нема никогаш да заборавам како со часови стоев покрај носилките на кои беше баба ми во ходникот на една од клиниките во Државна. Чекав и го молев секој што носеше мантил кога ќе помине покрај мене, да ја прими баба ми, или барем да ѝ пружи некаква помош. На крајот од денот, дојде еден болничар и ми кажа дека треба да си одам. Немаше место за баба ми, а немаше ни лекар на располагање цел ден. Ми викнаа брза помош и ја вратија баба ми дома. Во возилото ѝ дадоа некоја инјекција за смирување на болките. Баба ми почина неколку недели подоцна. Брза помош (или домашна посета) дојде само уште два или три пати, иако на баба ми секој ден ѝ беше потребна лекарска помош. Умре во бесознание, од болки.

Неколку години подоцна, слично, ако не и полошо, помина и дедо ми. Се сеќавам, еднаш дојде екипа на брза помош и уште од врата ни рекоа: „Што сте нè викале, па овој е готов!“ И си отидоа. И дедо ми, како и баба ми, почина во болки.

Знам дека звучи како хорор приказна, но тоа се случи. Бев тинејџер, неколку години пред распадот на Југославија. Можам да набројам многу приказни како овие две, од раната младост до денешно време. Само кога ќе се сетам на Ковидот, ме опфаќа бескрајна тегобност, тага и чувство на бесмисла.

Но имам и исто толку приказни во кои можам да посведочам за извонредна пожртвуваност на лекари и болнички персонал. Не можам да кажам ниту еден лош збор за луѓето од кардиологија, кога мојот брат почина на свои 29 години. Лекарите со денови се бореа за неговиот живот. Можеби, да ни беше здравството подобро организирано, тој и ќе преживееше, не знам.

И во други прилики сум посведочил на прекрасен, професионален и човечки однос од лекарите и болничкиот персонал. Без оглед на исходот. Затоа, кога ќе помислам на здравството, најмалку што можам да кажам е дека имам измешани чувства.

Доволен е само еден случај да го уништи угледот на цела институција

Сторијата на Онкологија силно ме погоди од повеќе причини. Да, и приватни причини, но не сакам да навлегувам во тоа сега. Но тоа што можам со сигурност да тврдам е дека на Онкологија, како и во повеќе клиники за кои имам сознанија, има извонредни професионалци. Знам и дека секогаш и секаде, во тие служби како што се здравството, школството, полицијата, противпожарна и други, повеќето луѓе сакаат да ја вршат својата работа најмалку според прописите и стандардите.

И лично познавам луѓе од здравството кои, не само што се врвни професионалци, туку се и топли, човечни и сочувствителни до небо.

Но доволен е само еден корумпиран човек (а никогаш не е само еден), да го уништи угледот на цела институција и сите што работат во неа.

Гневен и лут, но не и изненаден

Истовремено сум гневен и лут, но не и изненаден. Ни малку не сум изненаден. Самиот никогаш не сум бил во ситуација да ми биде побарано, а уште помалку, да понудам поткуп за некоја здравствена услуга. Но знам дека без „рушвет“ не врват работите, како во здравството, така и во повеќето јавни установи и администрација (плус правосудство).

Затоа, не ми беше чудно кога прочитав дека животот на пациентите бил на последно место за организираните профитери и во Онкологија. Како што никогаш не ме изненадија потресните стории на најпознатата новинарка што ги покриваше овие теми, Менче Атанасова Точи.

Има ли потреба посебно да се нагласи дека клиниката и луѓето во неа не се виновни? Таму имало, има и ќе има професионалци кои секој ден даваат дел од својот живот, вештини и знаења за да спасат или да продолжат нечиј живот. Како во Онкологија, така и во сите други.

Не ме изненадува, иако сум згрозен и ужаснат, ни вулгарноста и омразата што ја прочитав на социјалните мрежи и во дел од интернет медиумите за случајот „Онкологија“. Чисти закани со ликвидација, омраза, навреди, вулгарности во неизмерни количини.

Владата треба да ги искористи сите ингеренции, за да донесе правда

Не ме изненади ни делумната несмасност во изјавите на претставниците на власта. Да, одлична е поентата – криминалот има име и презиме и дека правдата ќе ги стаса сите. Но зошто е потребно да се слушне дека владата нема да се меша во истрагата? Треба да се меша. Треба да ги употреби сите можни ингеренции, за да донесе правда според законот.

Се подразбира дека владата не смее да се меша со интервенции и блокирање на правдата – бидејќи и тоа е криминал. И сосема е излишно да се каже дека криминалците, без оглед на етничка, верска или било каква припадност – ќе одговараат. И тоа се подразбира. Сè друго е криминал. Кој очигледно вирее во изобилство во најчувствителните сектори на системот кој, ни по седум години, сè уште е длабоко заболен од груевизам.

Одвратни политичари

Ништо од сево ова не ми е ни оддалеку толку одвратно, колку што ми се одвратни политичките партии кои, како хиени, се нафрлија на овој случај, со една цел – политички профит. Особено затоа што тие политичари кои повикуваат на протести поради корупцијата и криминалот во Онкологија (кои допрва треба да се докажат), се дел од хорор приказната на македонското здравство.

Бескрупулозни некрофили и разбојници, кои во својата агенда имаат три работи: да се збогатат, да зграпчат власт за да се збогатат уште повеќе, и да ја префрлат одговорноста за сè што е гадно во државата на други. А самите се виновни или се дел од виновниците за гадотиите.

Нив никогаш не ги интересирала правдата, бидејќи се носители на неправдите.

Не можам ни да бидам гневен, тажен или загрижен, толку колку што ми паѓа тешко и одвратно кога ја гледам таа политикантска банда со наострени заби и канџи и смрдлив здив, како профитира од лагите, а најмногу од тагата и гневот на обичните луѓе.


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.

извор Civilmedia

Спонзорирано: