11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кина одби да го репрограмира долгот на Србија, Вучиќ за помош се обрати во ЕУ

Важна вест за љубителите на БРИКС во земјава, кои оваа групација ја гледаат како алтрнативна на ЕУ и НАТО. Оваа вест најдобро отсликува каков голем пријател на Србија е Кина, една од најголемите и највлијателни ченки на БРИКС, како што постојано сака да потенциа српскиот претседател Вучиќ.

Како што пренесува српскиот портал Време, српската влада неодамна се обидела да договори репрограмирање на обврските кон кинеските кредитори, но партнерите од Пекинг не биле заинтересирани за никакви отстапки.

По негативниот одговор, српскиот претседател Александар Вучиќ го свртел кормилото, и побарал помош од луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел на маргините на европскиот самит во Молдавија.

Кинезите не се заинтересирани за отстапки, да се свртиме кон ЕУ

Така, како што дознава Демостат, Владата на Србија неодамна се обидела да договори репрограмирање на обврските кон кинеските кредитори, но партнерите од Пекинг не биле заинтересирани за никакви отстапки.

Според податоците на Управата за јавен долг, Србија во моментов има обврски од вкупно 2,26 милијарди евра кон Export Import Bank of China, институцијата преку која одат речиси сите кредити што ги земаме од оваа земја.

Дополнително, има и долг од 23,78 милиони евра кон унгарската филијала на Банката на Кина за изградба на канализациска инфраструктура во 11 градови низ Србија.

За сите овие заеми Србија годинава ќе треба да обезбеди 128 милиони евра само за отплата на главнината, како што покажува пресметката на Демостат врз основа на податоците од буџетот на републиката за 2023 година.

Исто така, 2,2 милијарди евра е моменталната состојба на српскиот долг кон Export Import Bank of China, значително помалку од вкупниот договорен обем на кредити со оваа банка.

Србија склучила договори за заем со Кинезите во вкупен износ од најмалку 4,3 милијарди евра, од кои 2,2 се само тековниот долг.

Затоа, не е чудно што Министерството за финансии се обиде да ги презакаже растечките обврски кон Кинезите за да го намали ударот што ќе го претрпи буџетот следната година. Но, досега не успеа.

Како што дознава Демостат, откако Кинезите одбиле да одложат дел од српските обврски, Владата се обратила кон партнерите од Европската унија, (со кои предходно се конфронтира по разни прашања) во обид да обезбеди поповолно рефинансирање.

Останува да почекаме да видиме како ваквиот развој на настаните ќе се одрази на понатамошната српска политка кон Кина (и вкупно кон членките на БРИКС, меѓу кои и Русија), и Европската Унија, и нејзините барања за проактивен однос на Србија кон санкциите кои ги воведе ЕУ кон Москва, но и за состојбата во Косово, од која во многу ќе зависи поддршката ( политичка и финансиска) што Србија ќе ја добива од ЕУ.

Драган Мишев

извор Цивилмедиа