19.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВМАКЕДОНИЈА

Кој е за скара?

Емилија ЦЕЛАКОСКА

„Никогаш не вели никогаш“ – оваа изрека порано ја користевме како охрабрување, во смисла: Сфати дека сепак можеш да направиш нешто што моментално замислуваш дека не можеш. A не како – „сѐ е можно, иднината не може да се предвиди“. На второво значење му фали контекст, не е целосно, додека, пак, сфатено како охрабрување, има одреденост. Всушност, изреките со внатрешна контрадикција како оваа се наменети за барем уште едно „поминување“, со цел мислата да нѐ насочи кон емоција која ја помага волјата, а не за препокривање на целиот простор од можни ставови во сите можни правци, со цел во иднина да си се послужиш слободно од тој послужавник. На тој начин само се отстранува димензијата – морал. Ако сакате да ви се на располагање сите можности, тогаш станувате „рамно“ суштество, без повисоката димензија на моралноста. Кога контекстот на „никогашите“ би бил присутен, тогаш тој би бил во име на етиката и моралот, па би стапила на сила поблагородна претпазливост во изреката – можното да е ограничено со моралното. Инаку „никогашењето“ во облик „сѐ е можно“ е само егоистична претпазливост – случајно да не згазне на некоја можност, па таа да му се затвори.

Секако, претпазливоста, генерално, не е лоша карактеристика, но кога претставуваш многу луѓе и работиш за нивното добро, зарем досега не си забележал дека во тие услови, таа (како и уште неколку други особини) се раслојува, како да поминува низ тесните процепи од познатиот експеримент за дуалната природа на честичките? На панелот на реалноста, откако така широката претпазливост во целиот свој спектар ќе помине низ тесните процепи на правилата, законите, но и на дупките во нив, па и односите со разни луѓе – гледаш преплетен морал во светли и темни линии, како резултат од таквата широка „претпазливост“. Претпазливоста во пракса интерферирала и со сите крокодили на лукавштините, суетите, незнаењето – со еден збор општа беља, како воопшто и да не се тргнало со претпазливост. Дали, тогаш, не е поттик, тоа што навистина не можеш сѐ да предвидиш, максимално можно да обезбедиш моралното да биде предвидливо?

Можеби ова некому му изгледа престрого – но сѐ се сведува на разбирањето на можностите за предвидување. Што се однесува до предвидувањата, не е страшно тежок одговорот на прашањето дали минатиот неморал го предвидува идниот. Но, разбирањето на можностите за предвидување е следно ниво. Всушност, она што новинарите го прашаа Талат Џафери, сфатено преку неговиот одговор, е тешко прашање, во смисла што е прашање за систем на одлучување: Во принцип се сведува на познатата „Затвореничка дилема“ од теоријата на игри, но тешко е и во смисла што не се однесува само на него, со неговото искуство – туку и на сите нас, како маса граѓани. Имено, би оставиле ли ние сѐ да е можно, или нешто од она „сѐ“ ни е, сепак, важно? Затоа, сфатливо е, како на искусен играч, каде му оди умот – „немам доволно информации за иднината, а арбитер моментално е невозможен“.

Во игрите исто така има арбитри, рецензенти (referees) кои всушност претставуваат советници – оптимизатори, кога страните не можат да разменат доволно информации една за друга од разни причини или не се искусни во решавање. Но, кога страни се – од една политичарите, а од друга граѓаните, тогаш може двете страни да се „губат во преводот“, бидејќи за арбитрите е потребно својството на етичка непристрасност. На кариерните политичари од искуство им е јасно дека арбитрите не можат да бидат совршено и универзално непристрасни, тие често се наречени, буквално, советници, но се исклучително важни компоненти при носењето одлуки. Тоа што е од искуство, има и теориска поддршка. Дипломатските и политичките односи се само нешто посложени варијанти на основната „Затвореничка дилема“ – што да одлучиш кога не знаеш што другиот мисли.

Неформално, проблемот се поставува вака: Двајца ограбувачи се фатени и пред нив е дилемата дали да го искодошат другиот, па другиот да добие 10 години затвор, а кодошот – слобода, или, пак, да се молчи. Ако двајцата би молчеле, тогаш и двајцата би добиле 1 година затвор (во недостаток од доволно докази, на пример), но, за секого посебно, тоа е и ризик – како да молчам кога другиот може да проговори, па јас да добијам 10 години, а тој да отшета слободен?! Но, ако двајцата се искодошат еден со друг, тогаш ќе си ја поделат казната – затвор за двајцата од 5 години. Со оглед дека при испитувањето се разделени, со што не знаат што другиот мисли, тогаш на секого од нив му се чини заштитна стратегија за себе – да го искодоши другиот. Изборот да се искодоши другиот ја избегнува максималната казна за себе и тоа е „комон сенс“-от (всушност, Нешовиот еквилибриум, од теоријата).

Но, во политиката одамна не се игра вака просто. Присуството на арбитри, советници, без оглед што во пракса не се универзално непристрасни, ја менува играта – теориски таа се нарекува „Квантна дилема“. Имено, во присуство на оптимизаторски советник од доверба, „комон сенсот“ (еквилибриумот) се менува – двајцата играчи се поттикнати кон решение кое е подобро и за двајцата. Во горната неформална формулација на проблемот тоа значи двајцата фатени ограбувачи да молчат, со што двајцата би добиле само 1 година затвор. Советникот (referee-то) во теоријата (малку геометрија и алгебра), всушност, има можности, во разни варијанти на проблемот, да издејствува казна секогаш помалку од 5 години, но со најмногу напор, и само 1 година. Со оптимизаторски советник, „комон сенс“-от за одлука на секој од играчите се менува, па оној Нешов еквилибриум веќе не е – двајцата да си наштетуваат еден на друг. Тоа што имаат советник од доверба е дури и повеќе од комуникација – имаат гарант, секој од нив. Но, не можат двајцата да бидат ослободени. Всушност, не може ниеден од нив да е ослободен.

Граѓанинот (гласач или не), во пракса, официјално нема никаков советник – оптимизатор од доверба, а камоли универзално непристрасен – онаков каков фали за дипломатите и политичарите. Но, последниве можат да бидат задоволни и со релативно непристрасни арбитри од друга земја или ОН, (вообичаено која не е релевантна страна за проблемот, но е силна од аспект на гарант), а кои официјално и се назначуваат. Граѓанинот, без советник/гарант од доверба, е изложен на сите оние крокодили – можности, и од информациите, и од дезинформациите, и од солидните и од лажните ставови, кои Џафери имплицитно ги изложува како можности кои не заслужуваат затварање.

Во ситуација без признавање на добронамерен советник – оптимизатор, граѓанинот е изложен на некоја проста, „неквантна“ верзија на сличен проблем, чиј комон сенс (еквилибриумот) е правење штета за другата страна од онаа за која конкретниот граѓанин се определил, вклучувајќи ја тука и определбата да не гласа (кон оние што гласаат). Негласачите се најанти-оптимизациски фактор – во потрага по совршенство, универзална непристрасност, натчовечка чесност, по небесни, нереални Платонски идеали. Но, дел од граѓаните сепак признаваат доволно добронамерен, доволно чесен советник – оптимизатор, без оглед што не е универзално непристрасен, слично како што искусните политичари сфаќаат дека тие се клучот за реалистично добри одлуки. За разлика од „неверувачите“ во советник – оптимизатор и „платонестите“, овој дел од граѓанството е помал, но тие, доколку не бидат изиграни во „простата верзија“ на проблемот, се влечната сила за придобивките од понапредната „квантна верзија“. Плодовите од нивниот скок на вербата, подоцна се подарок за сите. (Од истите причини, во референдумите, на пример, границата за изгласување опција која е „За“ промена треба да е поставена пониско отколку за опцијата статус-кво).

Заради граѓаните кои не признаваат добронамерен советник од страна, не само што нападно конкурира простата, „неквантна“ верзија за одлучување без оптимизирање, туку, за возврат настапува онаа здодевна, рудиментарна „квантност“ во одлучувањето: Сите се изложени на сѐ – целиот простор е комбинација од сите можни правци. Вистинска квантна суперпозиција (жива и мртва мачка)! Секој ден, ние граѓаните сме изложени на сите можни правци (кои Џафери претерано демократски ги почитува) и секој ден правците флуктуираат – еден ден се наѕира ЕУ и средување на институциите, а друг ден, особено кога ќе нѐ бомбардира анкета со смешниот „репрезентативен примерок“, изгледа дека правецот е во – ендек.

На ВМРО-ДПМНЕ им текна (или некој им дошепна) дека треба да се потрудат да не го губат проЕУ-просторот, па макар и изгледале неискрено.

На ВМРО-ДПМНЕ им текна (или некој им дошепна) дека треба да се потрудат да не го губат проЕУ-просторот, па макар и изгледале неискрено. Кога веќе документираните случаи на нечесност од кои не се оградуваат – напротив, (тоа се судските процеси кои, за жал, во спрега со ВМРО-ДПМНЕ полека се губат) им ја сплескале онаа повисока димензија на моралноста, не им преостанува ништо друго освен како некое лепливо желе од зборови без дела да го препокријат целиот преостанат „рамен“ простор, заборавајќи дека токму ЕУ-вредностите припаѓаат во повисоката димензија на етиката и моралноста, димензијата во која не можат повеќе да се подигнат.

Со тоа што ги мобилизираат оние кои не веруваат во оптимизациски добронамерни гаранти, не добиваат многу – тоа се и така конзервативните обележувачи со дебели линии на сѐ и сешто (кој е маж, а кој жена, кој е „патриот“, а кој „предавник“, на пример, кога почнува животот, итн.), од нивната база. Потегот е наменет за „платонестите“ – огромниот дел од избирачите кои не се замараат со гласање, бидејќи „немало за кого да се гласа“. Пред нив, со зборови „докажуваат“ дека живата мачка значи дека е мртва, а мртвата – дека е жива, со зборови ги вртат правците како пропелер низ целиот медиумски и политички простор небаре тие се веќе определени само затоа што ВМРО-ДПМНЕ така вели и, секако, што повеќе контрадикторности ќе изнакажат, сметаат дека повеќе ставови ќе препокријат – секој да се најде низ ВМРО-ДПМНЕ, како во хороскоп од весник. „Корупција“, „отрови“, „коленичење“ и „вазали“ им се во речникот, склерозни на својата недосудена корупција од груевизмот – од кои не се оградија, отровите во воздухот во 2011-2015 г., вазалството и коленичењето кон Орбан, што живот им значи… Само и единствено за да си се вдомат во просторот во кој на сите ќе ни ја скратат димензијата која ним не им е поимлива – онаа во која се наоѓаат европските вредности.

ВМРО-ДПМНЕ како целина не може да го слушне ни ехото од таа димензија, но може да уценува со бројката што сопствената гласачка база и по некој „платонест“ му го дале пред три години. ВМРО-ДПМНЕ како целина го цензурира поимот патриотизам, случајно да не влеземе како граѓани на оваа држава во димензијата невозможна за самото ВМРО-ДПМНЕ. Уцената и цензурата, на ВМРО-ДПМНЕ му се нормални алатки за случајно да не дојдеме до понапредната „квантна“, оптимизирана, пристојна варијанта на систем на одлучување (да се сетиме – на најдобрите реални опции), со која дефинитивно имаме шанса да ја откачиме назадноста (повеќе од само полоши опции: инфериорен еквилибриум во животот) со која нѐ влечат надолу. Еве, да ја забележиме неоптимизираноста на зборовите „диктат“, „нова Рамка“ или барањето работи спротивни од пишаните и согласените со официјалните договори: Како што ни во теориските квантни верзии од игрите referee-то не може да постигне ослободување за двајцата, но може да им го каже најоптималното реално решение кое е подобро од останатите решенија и за двајцата, така е и во пракса. Оптимизацијата не е диктат, компромисот не е диктат, зошто би слушале изговори и влечења надолу, кога го знаеме опсегот на тоа што во пракса е изводливо?

Така, без да го пржиме овде Џафери, може да речеме можеби, а можеби и не, наместо никогаш – никогаш. Особено кога изненадно ќе слушнеме комарец од два метри кој после години и години брмчење во просторот, сега застанат, рамно лоциран на дебела свинска кременадла, ќе јави со – „Важи, можеби може уставни измени (а можеби не)!“ И онака Демократската Унија за Интеграција спреми фина скара за ВМРО-ДПМНЕ, добро познавајќи им го бизнис бирото: Прво уставни измени, па ќе се тргнеме. Roast!

извор Рацин.мк

Спонзорирано: