21.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ОАЕ се повлекле од коалицијата предводена од САД на Блискиот Исток

Министерството за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати соопшти денеска дека ОАЕ се повлекле од поморската безбедносна коалиција предводена од САД на Блискиот Исток пред два месеца, објави новинската агенција на Емиратите (WAM).

„Како резултат на нашата тековна процена на ефективната безбедносна соработка со сите партнери, ОАЕ пред два месеца го повлече своето учество во комбинираните поморски сили“, се додава во соопштението.

Во соопштението се додава дека ОАЕ го отфрлаат „погрешното карактеризирање во неодамнешните извештаи во печатот“.

Пред пет недели Иран заплени два танкера во рок од една недела во водите на Заливот во близина на Ормуската Теснина. Вториот танкер, „Ниови“, пловел од Дубаи кон пристаништето Фуџаира во ОАЕ.

Во соопштението на ОАЕ се вели дека статијата на „Волстрит џурнал“ објавена во вторникот, во која, цитирајќи извори од САД и од Персискиот Залив, се вели дека ОАЕ се фрустрирани од недостигот на американски одговор на неодамнешното запленување танкери, е погрешно карактеризирање на разговорите меѓу двете земји.

Комбинираните поморски сили се работна група од претставници на 34 нации, која работи на безбедноста, борбата против тероризмот и борбата против пиратството во областите на Црвеното Море и на Заливот, низ кои поминуваат некои од најважните светски бродски рути.

Седиштето на силите е во Бахреин, заедно со Петтата флота и Централната команда на американската морнарица.

Во соопштението објавено денеска, Министерството за надворешни работи истакна дека ОАЕ се посветени на мирниот дијалог и на дипломатскиот ангажман како средства за унапредување на регионалната безбедност и стабилност и на одговорното обезбедување сигурност на пловидбата во нивните мориња во согласност со меѓународното право.

Американската морнарица не одговори на барањето за коментар.

Спонзорирано: