8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Нова публикација на ИМА: „Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?“

Публикацијата  „Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?“ донесува аналитички текстови, во кои истакнати новинари, уредници и истражувачи со повеќегодишно искуство во медиумите и во професионалните медиумски организации ги изнесуваат своите ставови и мислења за состојбите со слободата на медиумите во земјава.

Авторите Младен Чадиковски – претседател на ЗНМ, Драган Антоновски – директор на МИА, Арта Тахири – уредник на вести во ТВ Алсат, Атанас Кировски – поранешен главен уредник на ТВ Телма и дописник на Би-би-си, како и Петрит Сарачини и Жарко Трајаноски од Институтот за медиуми и аналитика ИМА, ги анализираат наодите од неодамна објавениот Индекс на слободата на медиумите за 2023 година на „Репортери без граници“, во кој Северна Македонија е рангирана на 38-место, најдобро во последните 15 години. Иако оценуваат дека состојбата е подобра од времето на „заробената држава“ и владеењето на Никола Груевски, тие лоцираат повеќе слабости и важни предизвици за слободата на медиумите во земјава.

И со конкретни примери, авторите се осврнуваат на притисоците и односот на политиката и бизнисот кон медиумите, на паралелните медиумски системи на партиите и пропагандата на партиските структури на социјалните мрежи, нетранспарентноста и (не)функционирањето на институциите, правосудството, законите, јавниот сервис…Тие пишуваат и за падот на професионализмот и довербата во медиумите, напливот на дезинформации и говор на омраза, предизвиците на саморегулацијата, како и за дилемите за регулирање на интернет сферата наспроти можните опасности по слободата на изразување.

Во дел од анализите, авторите се осврнуваат и на економските аспекти, како ниските примања на медиумските работници и отсуството на колективни права, или слабата финансиска кондиција на медиумите и недостатокот на ресурси за производство на квалитетни содржини.

Дел од предизвиците што ги посочуваат авторите се последица на дигиталната ера, и со нив се соочуваат медиумите секаде во светот. Развојот на технологијата воопшто, на социјалните мрежи, вештачката интелигенција, дип-фејк, индустриите за производство на дезинформации…Овие глобални феномени, и според согледувањата на дел од авторите, имаат големо влијание и на состојбите кај нас.

Публикацијата е дел од активностите на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, поддржани од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy) од Брисел, и е придонес за остварување на заложбите на ИМА за унапредување на слободата на медиумите, развој на критичкото мислење и дебата, и потрагата по решенија за справување со овие важни предизвици.

Линк до публикацијата Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?

извор СМК