17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

САД ја предупредија Северна Кореја за најавеното лансирање сателит

Американскиот Стејт департмент го предупреди вчера Пјонгјанг дека потенцијалното лансирање на севернокорејски сателит би ги прекршило меѓународните ограничувања што ѝ се наметнати на Северна Кореја.

На брифингот во средата, заменик-портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, посочи дека лансирањето ќе прекрши повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН за севернокорејската програма за балистички ракети, кои опфаќаат и ракети што се користат за вселенски летала.

„Ние бевме многу јасни дека ја повикуваме Северна Кореја да се воздржи од понатамошни заканувачки активности и да се вклучи во сериозна и одржлива дипломатија“, рече Пател.

Изјавата на Пател доаѓа откако севернокорејските медиуми соопштија дека Ким Џонг-ун посетил објект во кој се развива вселенско летало.

Ким во вторникот се сретна со научници, техничари и високи функционери додека го проверуваше првиот воен извидувачки сателит во земјата. Севернокорејскиот лидер одобрил „иден акционен план“ за подготовка за лансирањето.

На промоцијата на сателитот минатиот месец, Ким тврдеше дека проектот е клучната примарна задача на вооружените сили на Северна Кореја и рече дека сателитот ќе биде подготвен за лансирање во орбитата во наредните недели.

„Успешното лансирање на воен разузнавачки сателит е итно барање и главен политички приоритет на владата за зајакнување на нашите национални одбранбени капацитети“, истакна Ким по инспекцијата, додавајќи дека Северна Кореја ќе продолжи да ја унапредува својата вселенска програма.

САД во моментов одржуваат низа санкции кон Северна Кореја и се заканија со нови казни во поради тестовите на оружје.

Пјонгјанг инсистираше на своето право да ги развива своите воени способности, тврдејќи дека неговото оружје – вклучувајќи го и нуклеарниот арсенал – е за одбранбени цели. Тие како оправдување го посочија и, според нив, агресивниот став на американската војска на севернокорејската граница.

Тензиите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг се зголемија во последниве месеци откако Северна Кореја изврши низа тестови на оружје како одмазда за неколкуте рунди заеднички американско-јужнокорејски воени игри.

Северна Кореја постојано ги осудува ваквите вежби како проба за инвазија иако САД тврдат дека вежбите не претставуваат закана за ниту една земја.