22.8 C
Скопје
25. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Британската влада им плаќа на албанските затвореници да се вратат дома

Бројот на летови за депортација од Обединетото Кралство за Албанија се зголеми по договорот за соработка меѓу двете земји постигнат лани во декември за одвраќање и спречување на нелегалната миграција, пренесува албанската редакција на Би-би-си.

Британското Министерство за внатрешни работи соопшти дека оттогаш се вратени повеќе од 1.000 луѓе: околу половината доброволно, а другите се комбинација од одбиени барања за азил и странски криминалци.

Албанските власти потврдија дека повеќето нивни државјани, кои годинава биле принудни вратени од Британија, биле осудени за злосторства извршени таму.

Би-би-си разговарал со некои од Албанците вратени дома и дознава дека на некои затвореници им биле понудени 1.500 фунти (околу 1.700 евра) за да си заминат – иако некои од нив планираат веднаш да се вратат.

На некои затвореници им биле понудени пари за да се согласат на депортација и биле ослободени од затвор пред да ја издржат минималната казна според постојната програма за странски престапници.

На еден од депортираните албански затвореници, што Би-би-си го идентификува само како Марк, му била понудена финансиска помош од 1.500 долари за да се врати дома во Албанија според друга програма наречена Програма за олеснето враќање (ФРС).

Документот на британската влада јасно покажува дека програмата е финансиски поттик што им се нуди на странските затвореници под услов да соработуваат при депортацијата и да се откажат од правото на жалба.

Марк бил депортиран според британската Програма за предвремено ослободување (ЕРС), која се однесува на странските затвореници од сите националности.

Минатата година со владиниот Закон за националност и граници се продолжи периодот на предвремено ослободување и дозволува ЕРС од девет месеци на една година. Една од целите на таа промена, според информациите од британското Министерството за внатрешни работи, била да се зголеми бројот на депортации.

Истиот закон го укина статутот на застареност на неиздржани казни, што значи дека затворениците што нелегално се враќаат во Британија ќе мора да го издржат остатокот од казната, без оглед на тоа колку време поминало – засилувајќи го одвраќачкиот фактор за луѓето како Марк.

Албанците може слободно да се движат во земјите како Франција или Белгија, кои нудат лесна отскочна штица за преминување на Ла Манш.

Албанската полиција неодамна ги засили контролите на граничните премини во земјата за да ги улови депортираните од црната листа, кои се обидуваат да се провлечат.

Засилената соработка меѓу Велика Британија и Албанија се совпаѓа со наглото намалување на бројот на Албанци што пристигнуваат на островот со мали чамци – само 29 биле откриени во првите неколку месеци од годинава.