6.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Убиен осомничен терорист во северен Киргистан

Вооружен маж осомничен за тероризам е убиен од полицијата и безбедносните сили во северната провинција Чуи во Киргистан, соопшти киргистанското Министерство за внатрешни работи, пренесува РФЕРЛ.

Според соопштението, мажот, чиј идентитет не е соопштен, бил убиен за време на операција спроведена од специјалните единици на киргистанските Министерство за внатрешни работи и Државниот комитет за национална безбедност (УКМК) во селото Дмитриевка лоцирано во областа Исик-Ата, во близина на киргисанско-казахстанската граница.

„Осомничениот активно се спротивстави на приведувањето и беше ликвидиран од службениците на специјалните единици на Министерството за внатрешни работи и Државниот комитет за национална безбедност“, се вели во соопштението, без да се наведат повеќе детали за тоа што се случило.

Секретарот на Киргистанскиот совет за безбедност, Марат Иманкулов, изјави дека ситуацијата во селото е стабилна по инцидентот, без да даде повеќе детали за операцијата.

Киргистанското Министерство за здравство соопшти дека за време на специјалната операција биле ранети двајца полицајци, од кои едниот е хоспитализиран со прострелна рана во карлицата.

Службеници на киргистанските МВР и УКМК во моментот го истражуваат инцидентот.

Духовната управа на муслиманите во Киргистан соопшти дека специјалната операција била изведена во близина на зградата на локалното исламско училиште за девојки и канцелариите на селската управа додавајќи дека сите ученици се безбедни.

Специјалните операции на киргистанските безбедносни сили против наводните терористи се многу ретки во оваа централноазиска земја.

Во последните години стотици киргистански граѓани им се приклучиле на терористичката Исламска држава и други екстремистички организации во Сирија и Ирак.

Поттикнати од извештаите дека киргистанските граѓани им се придружуваат на терористичките групи на Блискиот Исток, киргистанските пратеници во 2016 година одобрија закон со кој им се дозволува на властите да им го одземат државјанството на осудените за тероризам.

Киргистан е претежно муслиманска населена земја со 7 милиони жители.

Спонзорирано: