8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Во Британија родено првото бебе создадено од тројца родители

Првото бебе создадено со ДНК на три лица е родено во Британија откога лекарите спроведоа револуционерна процедура за ИВФ, чија цел беше да се спречи наследување неизлечива болест.

Техниката, позната како терапија со митохондријална донација (MDT), користи ткиво од јајце-клетки на здрави женски донатори за да создаде ембрион без опасни мутации, кои мајките би можеле да им ги пренесат на своите деца, пишува „Гардијан“.

Бидејќи спермата и јајце-клетките на биолошките родители се комбинирани во ембрионот со митохондриите од донаторското јајце, добиеното бебе има ДНК на мајката и таткото плус мала количина генетски материјал (околу 37 гени) од трето лице.

Истражувањето беше почнато во Обединетото Кралство од страна на лекарите во Центарот за плодност во Њукасл. Научниците сакале да им помогнат на жените со мутирани митохондрии да имаат деца што нема да ги наследат генетските мутации.

Имајќи предвид дека сите наши митохондрии ги наследуваме од нашите мајки, штетните мутации може да влијаат на здравјето на децата, велат познавачите. Некои бебиња може да се родат здрави бидејќи наследиле само дел од мутираните митохондрии, но други може да добијат многу повеќе такви мутации и да развијат тешки, прогресивни и често фатални болести.

Велика Британија не е првата земја во светот во која се родило бебе преку оваа процедура. Во Америка во 2016 година се родило првото дете зачнато со помош на техниката МДТ.