12.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ОН: Досега нема извезено вештачко ѓубриво во рамките на договорот за жито

Досега нема никаков извоз на вештачко ѓубриво во рамките на договорот за жито, соопшти Канцеларијата на координаторот на ОН за Црноморската иницијатива за жито, пренесува ТАСС.

„Во моментот во украинските пристаништа има 14 брода, на кои се товарат околу 600.000 метрички тони жито и прехранбени производи. Иницијативата предвидува и извоз на вештачки ѓубрива, вклучително и на амонијак. Но, досега немаше таков извоз“, истакнаа од Канцеларијата.

Од таму посочија дека ниту еден брод не бил прегледан од Заедничкиот координативен центар (ЗКК) во неделата и во понеделникот.

Бројот на инспекции на бродови во рамките на Црноморската иницијатива за жито драстично се намали од 1 мај, се вели во извештајот, во кој се додава дека инспекции чекаат 26 брода со повеќе од 1,15 милион метрички тони товар.

„Додека дискусиите за иднината на иницијативата продолжуваат, Канцеларијата на координаторот на ОН и делегацијата на Турција тесно соработуваат со сите засегнати страни со цел да ги олеснат движењето и инспекциите на бродовите што заминуваат и доаѓаат во рамките на иницијативата и на договорените процедури“, додаваат оттаму.

Разговорите на високо ниво за продолжување на Црноморската иницијатива за жито треба да се одржат во Истанбул оваа недела.

Москва соопшти дека нема да го продолжи договорот со кој се овозможува извоз на жито од украинските пристаништа по неговото истекување на 18 мај ако не се исполнат нејзините барања за отстранување на пречките за извозот на руско жито и вештачко ѓубриво.

„Руската Федерација уште еднаш ефективно ја запре иницијативата за жито со одбивање да ги регистрира бродовите што доаѓаат и да изврши инспекција кај нив. Овој пристап е во спротивност со условите од сегашниот договор“, се пожалија од Киев.

Тие истакнаа дека 90 брода, вклучително и 62 за товарење, чекаат во територијалните води на Турција за одобрение за да отпловат до украинските пристаништа.

Сепак, украинскиот министер за земјоделство истакна денеска дека Украина има алтернативни начини за транспортот на жито ако Црноморската иницијатива за жито не биде продолжена и нема да го гледа тој исход како „апокалиптично сценарио“ не давајќи повеќе детали.

Спонзорирано: