25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Естонија со остри казни за истакнување проруски симболи на Денот на победата

Носењето советско знаме или кој било друг симбол што властите го сметаат за навредлив може скапо да ги чини Естонците на Денот на победата, предупреди полицијата во Естонија, пренесува „Постимес“.

Забранети се и сите собири, кои би можеле да се протолкуваат како поддршка за Русија и за нејзината т.н. специјална воена операција во Украина.

Потполковникот на Одделот за полиција и гранична заштита во префектурата Пихја, Елена Мирошниченко, посочи дека на луѓето им е дозволено да полагаат цвеќе на гробовите и на спомениците на хероите од Втората светска војна на 9 мај, но дека не треба да носат какви било симболи.

Таа ја потсети јавноста дека е строго забрането истакнување руски или советски знамиња, како и знамињата на руските републики во Донбас на сите собири, а забранети се и какви било знамиња или постери украсени со латинските букви Z и V, кои станаа неофицијални симболи на руската агресија.

Мирошниченко нагласи дека естонската полиција нема да се впушта во никакви дискусии со поединци за кои ќе се утврди дека ги прекршиле овие правила, а кои може да очекуваат глоба до 1.200 евра, па дури и затворска казна.

Таа исто така истакна дека естонските безбедносни сили внимателно ги следат активностите на социјалните мрежи пред Денот на победата и ги советуваше Естонците да размислат што испраќаат пред да споделат каква било честитка.

Кон крајот на минатиот месец, властите во Молдавија, уште една поранешна советска република, ја предупредија јавноста да не истакнува ленти од св. Ѓорѓија, кои во изминатите две децении станаа симбол на прославата на 9 мај во Русија.

Премиерот на Молдавија, Дорин Речеан, истакна дека ќе бидат казнети оние што ќе ја прекршат оваа забрана. Молдавскиот парламент го забрани и истакнувањето на латинските букви Z и V.

Според молдавските медиуми, повеќе од 300 луѓе биле казнети поради носење на лентата на свети Ѓорѓија минатата година.