13.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Белгија ќе ѝ префрли на Украина запленети руски средства

Брисел ќе испрати 200 милиони евра замрзнати руски средства во Украина, вети во четвртокот белгискиот премиер Александар де Кро на заедничката прес-конференција со холандскиот колега Марк Руте и украинскиот претседател Владимир Зеленски во Хаг, пренесува РТ.

Според Де Кро, некои од парите ќе бидат потрошени за воена помош, а остатокот ќе биде наменет за поддршка на украинските бегалци.

Појаснувајќи дека од почетокот на конфликтот во Украина белгиските власти замрзнале околу 180 милијарди евра средства на Руската централна банка, белгискиот премиер истана дека користењето руски пари за обнова на Украина има смисла и економски и морално.

Претходно во април, Европската комисија заклучи дека европските власти не може едноставно да ги запленат средствата на Руската централна банка за да ја финансираат реконструкцијата на Украина.

Цитирајќи необјавен документ на ЕК, „Ди велт“ објави дека претставниците на ЕУ потврдиле дека замрзнатите средства мора да и се вратат на Русија по војната. Но, ЕК излезе со помалку радикален предлог, кој може да биде легален – да се инвестираат руските средства и да ѝ се префрлат добивките на Украина.

Во статијата се посочува дека Брисел сè уште бара начини да ги искористи средствата, а една од опциите предвидува вложување во ЕУ-обврзници со каматна стапка од 2,6 отсто, а потоа средствата од каматата да се искористат за обнова на Украина.

Иако во документот се вели дека малку е веројатно оти парите би можеле целосно да се изгубат, во најлошото сценарио се споменуваат загуби до 4 милијарди евра. ЕК притоа го опиша решението како екстремно, иако законски дозволиво со оглед на грубото кршење на меѓународното право од страна Москва.

Белгија не е сама во инсистирањето дека Русија треба да плати за обновата на Украина. Претходно овој месец, американската министерка за финансии, Џенет Јелен, откри дека Вашингтон дебатира со партнерите како замрзнатите средства на Москва би можеле да се искористат во корист на Киев.

Лани во декември американскиот Конгрес донесе закон со кој му наложува на Стејт департментот да ѝ додели на Украина одредена сума од конфискуваните руски средства.

Првиот таков трансфер беше одобрен во февруари и вклучуваше 5,4 милиони долари одземени од рускиот бизнисмен Константин Малофејев, кој беше обвинет за непочитување на санкциите.