26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Втор Кабул: граѓаните оставени на цедило додека дипломатите бегаат од Судан

Додека западните земји брзаат да го евакуираат персоналот од своите амбасади во Судан, каде што се интензивира борбата за моќ меѓу ривалските воени фракции, сè посилна е загриженоста дека Западот не ја научил лекцијата од хаотичната евакуација на Кабул.

САД, Британија, Јапонија, Франција, Германија и Италија се меѓу земјите што го извлекоа својот дипломатски персонал од Судан викендов, што претставуваше голем логистички подвиг во разгорениот конфликт во кој изгореа авиони и се водеа битки на главниот аеродром во Картум, каде што беше оштетена и пистата.

И додека дипломатите се извлекоа со специјални воени операции со поддршка на нивните влади, граѓаните на западните земји што се во Судан од приватни причини се соочуваат со многу потешка задача да ги поминат со возила крајно опасните повеќе од 800 км до морето во екот на борбите.

Во неделата беа објавени фотографии од големиот конвој со возила на ОН, кој се упати кон исток од Картум. Еден француски државјанин беше убиен во обидот да се евакуира откако конвојот бил нападнат.

За многу странски државјани, спасот чека на брегот: Саудиска Арабија веќе ја изведе својата прва успешна воена евакуација од Судан со воен брод, на кој, освен свои граѓани, евакуира и 66 луѓе од други нации, вклучувајќи ги Кувајт, Катар, ОАЕ, Египет, Тунис, Пакистан, Индија, Бугарија, Бангладеш, Филипини, Канада и Буркина Фасо.

Додека за својот дипломатски персонал обезбеди 100 специјалци и три хеликоптери „чинук“, Вашингтон утврди дека не е доволно безбедно да се прошири евакуацијата на обичните американските граѓани, на кои им беше порачано да се снајдат сами и да внимаваат при изборот на маршрути поради ризиците од блокади на преполните патишта, изложеноста на воените операции и влошената инфраструктура поради оштетување на мостовите, патиштата и на објектите.

Иако Лондон уверува дека ја истражил секоја можност за евакуација на британските граѓани, многумина ги обвинуваат британските власти за реприза на авганистанското сценарио и оставање на британските граѓани без информации за активностите на британската влада на терен.

Алиша Кернс од британската парламентарната комисија за надворешни работи истакна дека Лондон има морална обврска да комуницира со Британците останати во Судан.

Според процените, во Судан се останати најмалку 4.000 британски граѓани, од кои 1.000 побарале помош за евакуација во услови во кои и основната комуникација е исклучително тешка поради фактот дека конфликтот го остави Судан без интернет или телефонски сигнал во неделата.

Сè уште не е јасно дали прекинот се должи на оштетување на инфраструктурата или на намерно исклучување со оглед на фактот дека на суданската влада не ѝ е туѓо исклучувањето на интернетот за да ги потисне протестите.

Според „Дејли телеграф“, советот од британската влада до своите граѓаните во Судан засега е да се засолнат, што многумина го толкуваат како напуштање.