25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Москва викендов протера над 20 германски дипломати

Русија во саботата најави дека ќе протера повеќе од 20 германски дипломати по масовното протерување на вработени во руските дипломатски мисии во Германија и го обвини Берлин за уништување на врските меѓу двете земји, пренесува „Локал“ цитирајќи ја портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Нејзината изјава дојде веднаш откако Министерството го осуди масовното протерување вработени во руските дипломатски мисии во Германија по што германското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги зело предвид руските изјави.

„Сојузната влада и руската страна беа во контакт во последните недели за кадровски прашања во своите претставништва во странство. Денешниот лет е дел од тој процес“, беше посочено во изјавата од германското МНР, без конкретно да се спомене протерување руски дипломати.

Москва го обвини Берлин дека продолжува демонстративно да го уништува целиот опсег на односите меѓу Русија и Германија.

„Како одговор на непријателските мерки на Берлин, руската страна одлучи да ја преслика одлуката и да ги протера германските дипломати од Русија“, соопшти руското Министерството за надворешни работи.

Москва исто така ќе го ограничи максималниот број вработени во германските дипломатски претставништва во земјата и истакна дека германскиот амбасадор Геза Андреас фон Гејр бил известен за мерките на 5 април.

Германија со години одржуваше длабоки економски врски со Москва, особено во енергетскиот сектор, во кој е зависна од рускиот гас. Меѓутоа, односите се влошија по руската воена операција во Украина и откога Берлин ја зголеми својата финансиска и воена поддршка за Киев.

Германската безбедносна служба, од друга страна, го подигна нивото на тревога во врска со руската шпионажа за која рече дека достигнала невидени нивоа по, како што Русија ја нарекува, специјалната воена операција на Москва во Украина.

Според службата, Русија ги таргетира германските компании и стратешката инфраструктура, особено енергетиката, железницата и патната инфраструктура.

На почетокот на минатата година Германија протера 40 руски дипломати за кои рече дека претставуваат закана за безбедноста. Во октомври германскиот шеф за сајбер-безбедност, Арне Шенбом, беше сменет по обвинувањата дека имал врски со руските разузнавачки служби.