17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Обединетите нации ги прозваа САД поради извештаите за шпионирање на Гутереш

Обединетите нации изразија загриженост до САД поради извештаите за американско шпионирање на генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.

Портпаролот на ОН, Стефан Дизарик, нагласи дека е јасно ставено до знаење оти таквите активности не се во согласност со обврските на Соединетите Американски Држави наведени во Повелбата на Обединетите нации и конвенцијата на ОН, пренесе „Ројтерс“.

Претходно беше објавено дека американската влада смета оти генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, е премногу подготвен да ги задоволи руските интереси, според доверливите документи.

Неколку документи ја опишуваат приватната комуникација меѓу Гутереш и неговиот заменик, како и набљудувањата на Гутереш за војната во Украина и низа африкански лидери.

Еден обелоденет документ се фокусира на Црноморскиот договор за жито, постигнат во јули од ОН и Турција по стравувањата од глобална криза со храна. Тоа сугерира дека Гутереш бил толку заинтересиран за зачувување на договорот што бил подготвен да ги прифати интересите на Русија, според Би-би-си.

„Гутереш ги истакна своите напори за подобрување на извозната способност на Русија“, се вели во документот, „дури и ако тоа вклучува санкционирани руски субјекти или поединци“.

Неговите дејства во февруари, според процената наведена во доверливиот документ, ги „поткопуваа пошироките напори Москва да се повика на одговорност за нејзините постапки во Украина“.

Истакнувајќи дека нема да ги коментира обелоденетите документи, еден висок функционер рече дека ОН се „водени од потребата да се ублажи влијанието на војната врз најсиромашните во светот“.

„Тоа значи да направиме сè што можеме за да ги намалиме трошоците за храна и да се осигуриме дека ѓубривото е достапно за земјите на кои им е најпотребно“, рече тој.

Русија често укажуваше дека е тешко да се извезува жито и вештачки ѓубрива поради меѓународните санкции во областа на плаќање, осигурување и превоз, па Москва предупреди најмалку двапати дека ќе ја прекине соработката во рамките на Црноморскиот договор за извозот на жито ако не се почитуваат нејзините приговори, забележува Би-би-си.

Друг документ, кој датира од средината на февруари, опишува отворен разговор помеѓу Гутереш и неговата заменичка Амина Мохамед. Во него Гутереш изразува зачуденост од повикот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, до Европа, да произведе повеќе оружје и муниција поради војната во Украина. Двајцата разговараат и за неодамнешниот самит на африканските лидери, а според извештаите, Амина Мохамед вели дека кенискиот претседател Вилијам Руто е немилосрден и дека не му верува.