5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

„Ни се заканува фосфогедон“: нова појава може да го потресе производството на храна

На нашата планета ѝ се заканува фосфогедон, предупредуваат научниците изразувајќи стравување дека злоупотребата на фосфор може да резултира со недостиг на фосфатни ѓубрива, што би го нарушило производството на храна на глобално ниво.

Прекумерната употреба на фосфор ги исцрпува резервите, кои се клучни за глобалното производство на храна, а со тоа придонесува за климатската криза, пишува „Гардијан“.

Во исто време процесот на миење на фосфатните ѓубрива од полињата заедно со отпадната вода, која потоа се влева во реките, езерата и морињата, резултира со широко распространето цветање на алгите и создавање водни мртви зони, кои ги загрозуваат резервите на риби, предупредуваат научниците.

Покрај тоа, прекумерната употреба на овој елемент го зголемува ослободувањето метан на целата планета, истовремено влијаејќи на зголеменото глобално затоплување и растечката климатска криза предизвикана од емисијата на стакленички гасови.

„Дојдовме до критична точка. Можеби ќе можеме да се вратиме на старите начини, но сега навистина треба да се вразумиме и да почнеме да го користиме фосфорот на многу помудар начин. Ако не го сториме тоа, ќе се соочиме со катастрофа, што ја нарековме фосфогедон“, изјави професорот Фил Хејгарт од Универзитетот „Ланкастер“.

Фосфорот, кој бил откриен во 1669 година од германскиот научник Хениг Брант, се покажа дека е неопходн за живот. Коските и забите главно се направени од минералот калциум фосфат, соединение што произлегува од него, а овој елемент е присутен во нашата ДНК и во клеточните мембрани.

„Едноставно кажано, нема живот на Земјата без фосфор“, објасни професорката Пени Џонс од Универзитетот во Бристол.

Глобалното значење на овој елемент е во неговата употреба – фосфорот го помага растот на земјоделските култури. Секоја година во светот се продаваат околу 50 милиони тони фосфатно ѓубриво. Оваа количина игра клучна улога во исхраната на осумте милијарди жители на нашата планета.

Но, поголеми наоѓалишта на фосфор се наоѓаат само во неколку земји: Мароко и Западна Сахара имаат најголеми количини, Кина е второто најголемо наоѓалиште, а Алжир е трето.

Зголемениот притисок врз наоѓалиштата ги натера експертите да се плашат дека светот би можел да се соочи со трошење на резервите на фосфор во рок од неколку години оставајќи многу нации да се обидуваат да го набават за да го прехранат своето население.

Ваквите предвидувања загрижуваат многу аналитичари, кои се загрижени дека неколку картели набргу би можеле да го контролираат најголемиот дел од светските резерви оставајќи го Западот многу ранлив на скокови на цените.

Резултатот би бил сличен на нафтената криза од 70-тите.