20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ВОЈНА ВО УКРАИНАСВЕТ

Преговори за Украина се водат во најголема дискреција во Женева

Во Женева, Швајцарија, во тек се преговори за ситуацијата во Украина, соопшти швајцарскиот министер за надворешни работи, Игнасио Касис.

Според неговите зборови, тие преговори се водат во атмосфера на максимална дискреција, најави швајцарскиот министер не прецизирајќи, сепак, детали од разговорите.

„Ние секогаш ги нудиме нашите добри услуги, но останува да се види што ќе направат двете страни, и Русија и Украина. Преговорите се водат во меѓународната Женева со најголема дискреција иако тие не се водат на највисоко ниво во моментот“, изјави Инацио Касис за „Ле Темпс“.

Касис истакна дека претходно Украина побарала од Швајцарија да ги застапува нејзините интереси во Русија. Ова барање беше одбиено во Москва.

„Рускиот наратив е добро познат: таа објави дека Швајцарија ја изгубила својата неутралност, но во исто време ја користи како неутрална земја“, рече Касис.

Утре се навршува точно една година од почетокот на специјалната воена операција во Украина, како што ја нарекува руската страна, а остатокот од светот едноставно го нарекува руски напад врз Украина.

Во претходните два дена светот го следеше говорот на американскиот претседател Џозеф Бајден, кој ненадејно замина во Киев, а ден подоцна и во Варшава, како и на рускиот претседател Владимир Путин.

Од првиот говор беше јасно дека Западот нема намера да дозволи Русија да победи во оваа војна, а од вториот говор дека Русија нема намера да ја прекине војната, за која вели дека не ја почнала, туку употребила вооружена сила за да ја спречи.

Во исто време, војната ги исцрпи оние што ѝ помагаат на Украина, па станува сè појасно дека веќе не е можно да се произведе онолку муниција колку што ѝ е потребна на Украина.

Исто така, војната замина и остава големи економски последици, најмногу за Европа, која зависеше од рускиот гас, а која сега ја нема поради воведените санкции кон Русија.