5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото илустрација/pixabay
СВЕТ

Светските лидери изразуваат солидарност со Турција и Сирија

Светските лидери ја изразија својата поддршка за Турција по земјотресот со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што ги погоди југоисточните региони на земјата, при што загинаа најмалку 284 лица.

-Длабоко сум тажен откако дознав за разорниот земјотрес што погоди делови од Турција и Сирија. Најдлабоко сочувство до бројните семејства кои ги загубија животите, а на повредените им посакувам брзо закрепнување – порача на Твитер претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

– Европската унија изразува длабока солидарност со вас – нагласи Мишел.

Порака за солидарност со Турција упати и Роберта Мецола, претседателка на Европскиот парламент.

-Длабоко сум тажен по страшниот земјотрес на турско-сириската граница. Моите мисли се со оние кои беа убиени, заглавени под урнатините, повредените и со сите спасувачи кои прават се што можат за да спасат животи.

Европа стои со народот на Турција и Сирија во овој тежок момент – рече Мецола.

Земјотресот во Газиантеп уништи тврдина стара повеќе од 2.000 години
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Твитер испрати порака за поддршка до Турција.

– Во контакт сум со претседателот Реџеп Тајип Ердоган и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, а сојузниците од НАТО во моментов мобилизираат поддршка – рече Столтенберг.

Француската министерка за надворешни работи Катрин Колона изразувајќи сочувство до турскиот народ изјави дека Франција е подготвена да и пружи помош на Турција.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така изјави дека Киев е подготвен да обезбеди помош за Турција и турскиот народ.

– Ние сме со турскиот народ во овој тежок момент. Подготвени сме да пружиме помош за надминување на последиците од оваа катастрофа – рече Зеленски.

Руската амбасада во Анкара на Твитер ја изрази својата солидарност со Турција.

– Ги испраќаме нашите најдобри желби до граѓаните и сите наши турски пријатели кои беа погодени од земјотресот што се случи во Кахраманмарас и кој се почувствува во многу градови и се надеваме дека оваа катастрофа ќе ја надминеме со најмала штета – соопштија од руската амбасада.

– Нашето сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување – се додава.

Најмалку 284 луѓе загинаа, а 2.323 се повредени во десет турски провинции од силен земјотрес што во понеделникот наутро ги погоди јужните делови на Турција, изјави турскиот потпретседател Фуат Октај.

Вкупно 1.710 згради се урнаа во земјотресот, рече Октај на прес-конференција.

Епицентарот на земјотресот е регистриран во областа Пазарџик во Кахраманмарас, Турција, а следеле 50 последователни потреси, од кои најсилниот бил со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала.

Од земјотресот сериозно беа погодени и провинциите Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адиџаман, Малатија, Османије, Хатај и Килис.

Земјотресот беше почувствуван и во соседна Сирија, каде што загинаа најмалку 427 луѓе, а стотици беа повредени. Тресењето на земјата се почувствува и во Ирак, Либан, Египет и други региони.