20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Подољак: Војната во Украина, порано или подоцна, ќе стигне до најголемите градови во Русија

Војната во Украина, порано или подоцна, ќе допре до најголемите градови во Русија, изјави Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател.

„Внатрешната ескалација на војната во Русија е неизбежна. Такви градови, кои се разгалени, мрзливи, кои мислеа дека живеат во друга реалност, се Москва, Санкт Петербург, Екатеринбург“, рече тој.

Подољак не прецизира кој точно и зошто ќе организира вакви напади, а како причина ја наведе неинформираноста.

Тој нагласи дека „Украина не ја напаѓа Русија“, но „логиката на војната“ му дозволува да даде таква прогноза.

Во меѓувреме, руските власти почнаа да ја подготвуваат Москва за заштита од можни удари на украински беспилотни летала, кои претходно ја нападнаа руската територија на стотина километри од борбената зона.

Во медиумите и телеграмските канали се појавија фотографии и видеа од распоредувањето системи за противракетна одбрана во главниот град.

Ракетните системи за ПВ, „Панцир“, се распоредени на покривите на седиштето на Министерството за одбрана на Русија, потоа во близина на националниот парк „Лошини остров“ и на експерименталните полиња на Академијата „Темиријазев“.

Подоцна, во близина на воениот аеродром „Остафјево“, деловниот аеродром на „Газпром“ – „Авија“, како и во близина на резиденцијата на претседателот Владимир Путин во Ново Огарево, биле забележани противвоздушни ракети „Панцир“.

Системи за противвоздушна одбрана беа инсталирани и на згради во близина на Кремљ во Москва.