18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Захариева: Пендаровски ги кочи билатералните односи, им служи на интересите на Белград и Москва

Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, остро го критикува предлогот на македонскиот претседател Стево Пендаровски да им се забрани влез на одредени граѓани на Бугарија и го обвини дека, како што наведе, „им служи на интересите на Србија и Русија на Балканот“.

„Претседателот Стево Пендаровски не ги штити интересите на својата татковина, туку служи на политиката на Србија и Русија на Балканот. Тој со своите изјави го кочи развојот на односите меѓу Софија и Скопје“, вели Захариева во интервју за „Бгнес“.

Таа зборуваше за бугарската позиција во врска со претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, како и за изјавата на претседателот Пендаровски, во која, како што вели, тој си дозволува да упатува незаслужени и многу навредливи забелешки критикувајќи ја Бугарија.

„Бугарија мора да има многу дефинитивна и остра реакција на изјавата на претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски. За жал, ова не е првпат да дава остри изјави, кои не помагаат во развојот на билатералните односи“, категорична е Захариева.

Во таа насока таа денеска свика седница на Комисијата за надворешна политика, на која ќе биде сослушан и амбасадорот во Македонија, Ангел Ангелов.

„Многу е важно од него да се слушне од прва рака кој е начинот за нормализирање на односите, каква треба да биде бугарската реакција, да го слушнат и ставот на народните избраници и нашефот на дипломатијата“, рече Захариева.

Таа се согласува дека треба да се смират односите меѓу двете земји, но затоа, како што нагласи, пред сè, мора да соработуваат официјалните власти во Скопје. Захариева инсистира македонските власти да ги избришат списоците со имињата на македонските Бугари, кои ги содржат нивниот матичен број и адреси, а не да се преправаат дека не ги гледаат. „Списоците уште еднаш поминаа, треба да се избришат и да се претресат лицата што ги дистрибуираат“, рече претседателката на Комисијата за надворешни работи на Бугарија.

За сугестиите што Пендаровски ги даде во својот говор за прогласување на бугарските политичари за персона нон грата, Захариева рече:

„Силно се надевам дека македонската Влада нема да го почитува неговото барање бидејќи тоа многу повеќе ќе ги ескалира билатералните односи. Ова ќе им служи на оние бугарски политичари што не сакаат да ги пуштат на територијата на РСМ. Некои од нив исто така не помагаат за нормализирање на односите“.

Спонзорирано: