Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Свет

Холандија сака да ги забрани кучињата со рамни муцки и мачките со свиткани уши

Холандија работи на забрана на кучиња со сплескани муцки и мачки со свиткани уши за да спречи такви животни да страдаат.

„Холандија презема далекосежни чекори кон тоа да стане земја во која ниту еден миленик не мора да страда поради својот изглед“, објави денеска министерот за култура, природа и квалитет на храната, Пиет Адема, пренесува порталот „НЛ тајмс“.

Постојат две забрани за поседување животни со штетни надворешни карактеристики, како што се мачка со свиткани уши или куче со кратка муцка, што може да предизвика доживотно страдање на животното, како што се проблеми со дишењето.

Забраната за поседување животни со штетни карактеристики автоматски ќе опфати забрана за трговија и увоз на овие животни, а ќе има и договор на лицата што веќе имаат домашни миленици со такви карактеристики да им се дозволи да ги чуваат своите миленици до крајот на животот.

„Ќе треба време да се решат овие прашања, но веќе сакаме да ги информираме луѓето, особено оние што размислуваат да донесат ново домашно милениче во својот дом“, рече Адема.