Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Зеленски со порака за надеж на „Златните глобуси“: Нема да има трета светска војна

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се појави во видеопорака за време на телевизиската емисија на „Златните глобуси“ за да им се заблагодари на своите сојузници во слободниот свет. Американскиот актер Шон Пен го претстави украинскиот комичар, кој стана политичар. Оскаровецот претходно се сретна со Зеленски во Киев и му ја подари својата статуетка „Оскар“ барајќи од претседателот да му ја врати кога војната ќе заврши.

Зеленски ѝ порача на холивудската публика дека „војната во Украина сè уште не е завршена, но плимата се врти и веќе е јасно кој ќе победи“, што предизвика аплауз од толпата.

„Сè уште има битки и солзи пред нас. Но, сега можам да ви кажам кој беше најдобар во претходната година – вие во слободниот свет, кој се обедини за поддршката на слободниот украински народ“, рече Зеленски.

Тој потоа потсети на доделувањето на „Златните глобуси“ од раните 40-ти пред крајот на Втората светска војна.

„Нема да има трета светска војна. Тоа не е трилогија“, рече Зеленски, пренесе Си-ен-ен.

Зеленски веќе имаше виртуелно појавување на Канскиот филмски фестивал и на Греми-наградите за да разговара за конфликтот и да им се заблагодари на сите оние во забавната индустрија што ја подигнаа свеста за конфликтот што се случува на украинска територија.

Спонзорирано: